Saimir Alija
24 Јануари 2018•Ажурирај: 25 Јануари 2018
ТИРАНА (АА) - Во главниот град на Албанија, Тирана, се одржа Економскиот форум со тема „Балканот на иднината: Кон една глобална инклузија“ на кој учествуваа високи претставници од Албанија и земјите од регионот, вклучувајќи ги и претседателот на Албанија, Илир Мета, и косовскиот вицепремиер, Енвер Хоџај, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Албанија, Мета, за време на неговото обраќање на форумот, се осврна на интеграцијата на Албанија во Европската унија (ЕУ), и истакна дека патот на Албанија кон ЕУ не може да биде процес одделен од тие на земјите од Западен Балкан.
„Потребна ни е целосна институционална координација и во однос на политиките за развој. Исто така, гарантирањето на успешен економски модел задолжително бара понатамошно зајакнување на политичката стабилност на целиот регион, како и задолжително вложување на напори за што побрзо решение за спорот меѓу Македонија и Грција со одлична можност за нејзиното членство во НАТО, или целосно нормализирање на односите меѓу Косово и Србија“, изјави Мета.
Мета вели дека овие два настани целосно ќе ја променат панорамата и веродостојноста на целиот регион во однос на поразвиените пазари и заинтересираните инвеститори за инвестирање во овој регион.
Од друга страна, косовксиот вицепремиер, Хоџај, рече дека секоја влада во регионот ќе ја искористи оваа година за длабоки внатрешни реформи и за економски раст.
„2018 година може да се претвори во една европска година за Балканот. Се очекува дека во февруари Европската комисија може да предложи нова стратегија околу проширување на ЕУ на Западен Балкан. Ова е најзначајната вест што може да го добие регионот“, додаде Хоџај.
Според Хоџај, Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, како и Босна и Херцеговина додека да се презентира оваа стратегија ќе треба да создадат еден заедички став.
Хоџај се осврна и на предизвиците на земјите од регионот, и додаде дека во случај на решавање на прашањето меѓу Македонија и Грција, прашањето меѓу Косово и Србија, како и предизвиците на Босна и Херцеговина, регионот може да се движи со нова брзина во 2018 година.