СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денес во Варшава, Република Полска, се обрати на првиот дел на Парламентарниот состанок на земји од Централно-Источна Европа на тема „Преродба на Европската Унија и регионалната соработка во Централна и Источна Европа“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието, Вељановски, во своето обраќање тој се осврнал за иднината на ЕУ, интегративните процеси на државите аспиранти и важноста на регионалната соработка и добрососедските односи.
„Каква Европа сакаме и која е иднината на ЕУ и интегративните процеси на државите аспиранти, се прашања кои посебно се актуелизираа по таканаречениот Брегзит, односно референдумот на кој граѓаните на Велика Британија се определија за излез од ЕУ. Тоа е одлука која треба да се почитува, но исто така, одлука која буди многу непознаници, дилеми, сомнежи, па и страв за иднината на Европа. Понатаму, економската криза која го зафати целиот свет, должничката криза во рамките на Европската Унија, исто така, отварија многу непознаници, дилеми и сомнежи кај секој граѓанин. Но, Европа во својот развој не се среќава за прв пат со многу тешки прашања, дилеми и предизвици", рекол Вељановски во своето излагање.
Како што се наведув во соопштението, Вељановски истакнал дека за државите од Југоисточна Европа, а во тие рамки и за регионот Западен Балкан, регионалната соработка има посебно значење од повеќе аспекти.
„Не почитувањето на солидарноста како принцип врз кој е градена и врз кој и денес функционира Европската Унија, за жал ние граѓаните на Република Македонија премногу често го имаме осетено на своја кожа. На пример, до сега Македонија има 6 препораки за започнување на преговорите со ЕУ, но поради еден апсурден билатерален спор и непочитување на принципот на солидарноста од нашиот јужен сосед, ние сме блокирани во нашите евроатлански интеграции. Сепак, ние како држава не се откажуваме од региналната соработка со сите држави во регионот и тоа на сите полиња", рекол Вељановски укажувајќи на посветеноста на Македонија на регионалната соработка и добососедските односи.
„Тоа што сакам да го истакнам е дека Република Македонија како мала држава со ограничени ресурси посветува максимално внимание на регионалната соработка и добрососедските односи. Ние и до сега, а и во иднина сакаме преку инклузивност да ги развиваме како билатералните, така и мултилатералните односи во регионот и пошироко", истакнал македонскиот претседател на Собранието.
„Денеска ја нема железната завеса и ја нема диктатурата на еднопартиските режим. Ја нема онаа класична биполарна поделеност. Денеска се среќаваме со прашања на глобалниот тероризам, мигрантската криза, организираниот криминал, односно прашања на кои може да се одговори само преку целосна соработка на сите држави и на нивните институции, вклучувајки ги и парламентите. Затоа мислам дека сите ние како политичари сме должни во име на нашата заедничка историја, во име на сегашноста на нашите граѓани, а пред се во името на иднината на нашите деца и идни поколенија да одговориме на тие предизвици. Да создаде услови утре младите од мојата држава, како и од другите држави од регионот, понатаму заедно со младите од Полска, од Балтикот, од Скандинавија, па се до медитеранот заедно да сонуваат и да ја градат и развиваат Здружена Европа", порачал претседателот на Собранието на Република Макеоднија, Трајко Вељановски.
news_share_descriptionsubscription_contact
