Besar Ademi
31 Август 2016•Ажурирај: 01 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Пратеникот на Движењето на Турците во Македонија, Енес Ибрахим истакна дека во последните години, Турците што доаѓаат во Македонија не се третирани како што треба и во еден од брифинзите за медиумите во Собранието на Република Македонија апелираше до министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, да преземе мерки и да ги разгледа овие незаконски однесувања кон турските државјани, јавува Anadolu Agency (AA).
Според пратеникот, турските државјани на граничните точки се третират незаконски и без никакво образложение се враќаат назад. Тој истакна дека поседува сериозни докази коишто потврдуваат дека некои гранични службеници земаат мито за да им дозволат на турските државјани да влезат во Македонија.
„За оваа влада, сите државјани на Турција се терористи, криминалци и исламски радикалисти. На што се потпира овој однос и предрасуди? Според кои стандарди се повредува правото на слободно движење, како и на меѓународната конвенција за човекови права?“, изјави Ибрахим, обраќајќи се до надлежните органи за ова прашање.
Тој исто така потенцираше дека Турција и Македонија години наназад имаат одлични односи во сите области. Ибрахим изјави дека ако оваа земја продолжи со „игнорантското однесување кон Турците, сигурно тоа ќе се рефлектира негативно на односите меѓу двете земји“.
„Овој начин на однесување кон турските туристи не привлекува ниту инвеститори, ниту студенти, ниту туристи од Турција. Важно е да се потенцира дека турските туристи во Македонија се добри и имаат сериозно економско влијание. Време е надлежните да излезат со официјален став и образложение за овој незаконски третман кон турските туристи“, изјави тој.