Ekipa
12 Мај 2017•Ажурирај: 13 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - СВР Скопје во врска со немилите настани во Собранието на 27.04.2017 година поднесе кривична пријава против седум лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Министерството за внатрешни работи се вели дека против четири лица се поднесени кривични пријави поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело, „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ според чл. 384 од Кривичниот Законик на Република Македонија.
Поднесени се кривични пријави и против три лица од Скопје поради, како што се наведува во соопштението, постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.
Пријавените, се појаснува во соопштението, откако насилно ги пробиле кордоните од полициски службеници, влегле во сала бр.3 во Собранието на Република Македонија каде што се одржувала прес-конференција и ги нападнале пратениците, a дел од нив го пробиле кордонот пред Собранието и ги повикале присутните да влезат.
На разговор се повикани и две лица од Куманово поради постоење сомение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, кои по извршените разговори се ослободени.
Во соопштението се додава дека Секторот за внатрешни работи Скопје во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки и активности со цел идентификување и документирање и на други лица учесници во немилите настани во Собранието на Република Македонија.