ВАШИНГТОН (AA) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ПКК веројатно е полоша од ДЕАШ во поглед на тероризмот и закана за тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето на конференцијата за медиумите во Белата куќа по состанокот со претседателот на Италија, Серџо Матарела, Трамп истакна дека не е изненаден од одлуката на Турција да ја покрене операцијата „Извор на мирот" на северот на Сирија.
„Не ме изненади одлуката на Ердоган. Веќе долго време сакаше да го направи тоа, веќе долго натрупуваше војници на сириската граница", рече американскиот претседател.
Потсети дека САД ги повлече своите војници од северот на Сирија.
„(Турција и ЈПГ/ПКК) веќе долго војуваат. Војуваат и на сириската граница. Тоа е сириска граница. И јас ве прашувам зошто ја штитиме територијата на земјата (Сирија) која не е наш пријател. Сирија има одредени врски со Курдите и тие (ЈПГ/ПКК) не се ангели", додаде Трамп.
Истакна дека САД водат борба против терористите на ДЕАШ.
„ПКК веројатно се полоши од ДЕАШ во поглед на тероризмот и заканите по тероризмот", истакна Трамп.
Турските сили на 9 октомври ја започнаа операцијата „Извор на мирот“ во североисточна Сирија, односно во пограничниот појас на источниот брег на Еуфрат, кој е под окупација на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Целта на операцијата е со елиминирање на терористичките елементи да се обезбеди турската граница и да се спречи воспоставување терористички коридор. Целта е и воспоставување безбедносна зона за враќање на сириските бегалци и зачувување на територијалната целост на Сирија.
Турција предупредува дека терористичката организација ПКК и нејзиниот сириски огранок ЈПГ/ПЈД претставуваат најголема закана за безбедноста на Сирија, бидејќи го загрозуваат нејзиниот територијален интегритет и целост.
Турските сили веќе спроведоа две успешни антитерористички операции на северот на Сирија и тоа „Штитот на Еуфрат" и „Маслинова гранка" во текот на кои пошироките подрачја на западниот брег на Еуфрат се ослободени од терористите.