Gözde Bayar
17 Октомври 2019•Ажурирај: 17 Октомври 2019
АНКАРА (AA) - Гласноговорникот на Кабинетот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, порача дека операцијата „Извор на мирот" забрзано продолжува додека не бидат остварени нејзините предвидени цели, јавува Anadolu Agency (AA).
Истакна исто така дека Турција нема да се откаже од својата, како што рече, оправдана постапка и покрај заканите со санкции или осуди поради нејзината антитерористичка операција на северот на Сирија.
„Ниту заканите со санкции ниту било какви осуди не можат да не одвратат од нашата оправдана борба", рече Калин пред новинарите во Анкара, додавајќи дека секако продолжува борбата против ЈПГ/ПКК.
„Време е да се стави крај на доминацијата на терористите на ЈПГ/ПКК во Сирија со оглед на нејзиниот територијален интегритет, политичкото единство и социјалната рамнотежа", рече Калин.
Го повтори претходно искажаниот став дека Турција нема никакви претензии на територијата на Сирија.
„Ниту Турција, ниту операцијата „Извор на мирот" не ѝ наштетија на демографската структура на северот на Сирија. ЈПГ/ПКК е таа која ѝ нанесе штета на тамошната демографска структура", додаде Калин.
Турските сили на 9 октомври ја започнаа операцијата „Извор на мирот“ во североисточна Сирија, односно во пограничниот појас на источниот брег на Еуфрат, кој е под окупација на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Целта на операцијата е со елиминирање на терористичките елементи да се обезбеди турската граница и да се спречи воспоставување терористички коридор. Целта е и воспоставување безбедносна зона за враќање на сириските бегалци и зачувување на територијалната целост на Сирија.
Турција предупредува дека терористичката организација ПКК и нејзиниот сириски огранок ЈПГ/ПЈД претставуваат најголема закана за безбедноста на Сирија, бидејќи го загрозуваат нејзиниот територијален интегритет и целост.