Rabia İclal Turan
18 Октомври 2019•Ажурирај: 18 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Турција презеде важен чекор кон остварување на примарните цели на воената операција „Извор на мирот“ со постигнувањето на договорот со Соединетите Американски Држави (САД), изјави во петокот шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Со овој договор Турција направи важен чекор кон побрзото постигнување на примарните цели на операцијата, а тоа е да ја исчистиме нашата граница од терористите и да воспоставиме безбедносна зона, благодарејќи на силното водство на нашиот претседател и успехот на Турските вооружени сили (ТСК) на терен“, напиша Алтун на Твитер, и додаде:
„Овој договор уште еднаш покажа дека е потребно заедничко дејствување против сите видови терор и дека една терористичка организација никогаш не би требало да биде поприоритетна од друга.“
По состанокот на делегациите на Турција и САД, кој го предводеа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и американскиот потпретседател Мајк Пенс, вчера во Анкара, договорено е турската операција „Извор на мирот“ да биде запрена на 120 часа.
Турските сили на 9 октомври ја започнаа операцијата „Извор на мирот“ во североисточна Сирија, односно во пограничниот појас на источната страна од реката Еуфрат кој е под окупација на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Турскиот претседател Ердоган рече дека целта на операцијата е со елиминирање на терористичките елементи да се обезбеди турската граница и да се спречи формирање на терористички коридор. Целта е и воспоставување на безбедносна зона за враќање на сириските бегалци и зачувување на територијалната целост на Сирија.
Турција предупредува дека терористичката организација ПКК и нејзиниот сириски огранок ЈПГ/ПЈД претставуваат најголемата закана за иднината на Сирија, бидејќи го загрозуваат нејзиниот територијален интегритет и целост.
Официјална Анкара предупредува и дека е неприфатливо терористите на ПКК да се поддржуваат и да се сметаат за партнери во борбата против терористичката организација ДЕАШ.
Со формирањето на безбедносната зона во 30 километри широк пограничен појас на Сирија, Турција има намера да обезбеди враќање на 2 милиони сириски бегалци. Тоа подрачје се простира од Еуфрат до ирачката граница. Пречка за тој план на Турција е тоа што подрачјето е под окупација на терористите на ПКК, ПЈД и ЈПГ.
Турските сили во изминатите три години во северозападна Сирија спроведоа две успешни операции и ги неутрализираа терористите на подрачје од 4.000 километри квадратни. Станува збор за операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ во кои сириските градови западно од реката Еуфрат беа ослободени од терористичките организации ДЕАШ и ЈПГ/ПКК.
Турција сите прекугранични операции ги спроведува врз база на меѓународното право, правото на самоодбрана и ги реализира во согласност со начелата на Повелбата на Обединетите нации (ОН) и резолуциите на Советот за безбедност кои се однесуваат на борбата против тероризмот.