Sefa Şahin
22 Октомври 2019•Ажурирај: 22 Октомври 2019
АНКАРА
Претседалот на Турција, Реџеп Таип Ердоган пред заминувањето за Русија, им се обрати на новинарите од аеродромот „Есенбога“ во Анкара, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Ердоган се осврна на договорот постигнат со САД и истакна: „Доколку САД не ги одржат ветувањата кон нашата земја, операцијата ќе ја продолжиме од местото на кое застанавме со многу поголема одлучност.“
Тој рече дека во рамките на операцијата „Извор на мирот“ досега од рацете на терористите е ослободена територија од 2.200 квадратни километри и е воспоставена контрола врз 160 населени места.
Зборувајќи за операцијата, претседателот Ердоган информираше: „Од 9 октомври досега неутрализирани се 775 терористи. Во нападите на терористичката организација животот го загубија наши 7 храбри војници, 79 припадници на Сириската национална војска и 20 цивили, наши државјани.“
Во врска со средбата со претседателот на Русија, Владимир Путин, Ердоган подвлече дека Турција и Русија секогаш биле согласни по секоја точка во борбата против тероризмот.
За темите на разговор за време на посетата на Русија, Ердоган рече: „Ќе разговараме за чекорите за ставање крај на присуството на ПКК/ПЈД/ЈПГ на подрачјата на кои се наоѓаат елементите на режимот.“
Ердоган уште еднаш повтори дека основната цел на операцијата „Извор на мирот“ е враќање на Сиријците во безбедносната зона и упати повик: „Очекуваме сите земји кои поседуваат совест и визија, да го поддржат овој проект, кој ќе стави крај на копнежот по татковината на милиони Сиријци.“
На прашањето во врска со предлогот на претседателот на Франција, Емануел Макрон, за продолжување на рокот за повлекување од 120 часа, претседателот Ердоган рече: „До мене не дојде ваков предлог од Макрон. Макрон и онака за вакви работи повеќе разговара со терористите.“
За сепаратистичката терористичка организација, која го тероризира населението и во Сирија и во Турција, претседателот Ердоган подвлече: „Нема место за ПКК/ЈПГ во иднината на Сирија. Се надеваме дека во соработка со Русија, нашиот регион ќе го спасиме од оваа сепаратистичка терористичка беља.“
Во своето обраќање пред новинарите Ердоган се наврати и на периодот од 120 часа договорен со САД за повлекување на припадниците на терористичката организација од безбедносната зона, велејќи: „Станува збор за 700 до 800 повлекувања. 1.200 до 1.300 продолжуваат да излегуваат, се вели дека и останатите ќе излезат. Ги следиме нивните траги.“
На прашањето во врска со предлогот за средба со Макрон, Меркел и Џонсон, Ердоган изјави: „На средбата со Џонсон рековме дека може да дојде до ваков состанок пред или по Самитот на НАТО.“