образование

„Дипломите ги искинавме за да му испратиме порака на светот“

„Ова го направивме симболично, за на луѓето и на целиот свет да им испратиме порака учениците да не одат во училиштата на ФЕТО и дека целта на ова училиште не е образование, туку друго нешто“, вели Сејди

Dzihat Aliju  | 17.02.2017 - Обновена : 08.04.2019
„Дипломите ги искинавме за да му испратиме порака на светот“

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Џихад Алиу -

Амир Сејди, дипломиран ученик на колеџот „Јахја Кемал“, училиште кое е поврзано со терористичката организација ФЕТО во Македонија, и еден од оние ученици кои по обидот за државен удар на 15. јули во Турција ги искинаа дипломите добиени од училиштето, вели дека дипломите ги искинале за да им испратат порака на луѓето и на целиот свет. Сејди во разговор за Anadolu Agency (AA) објаснува за времето поминато како ученик во училиштето поврзано со ФЕТО и за случувањата по обидот за државен удар на 15. јули.

Сејди потсетува дека по обидот за државен удар на 15. јули, заедно со група пријатели, исто така со диплома од колеџот, ги искинале своите дипломи: „Ова го направивме симболично, за на луѓето и на целиот свет да им испратиме порака учениците да не одат во училиштата на ФЕТО и дека целта на ова училиште не е образование, туку друго нешто“.

Тој истакнува дека успеале во тоа и додава дека преку своите изјави за време на реакцијата ја испратиле пораката: „Ние згрешивме, да не згрешат и другите“. Како што нагласува Сејди, за сите овие училишта низ светот е создадена перцепцијата дека тие се турски училишта. Но, тој вели дека тоа сепак не е точно и дека 80 проценти од образовниот процес во овие училишта се одвива на англиски јазик.

Според него, всушност, во овие училишта во светот се шири англиската и американската култура и јазик. Објаснувајќи дека за време на училишниот период во ова училиште постојано имал несогласувања со „браќата од џематот“, Сејди продолжува: „Во тоа време, меѓу нас се случуваа спорови и несогласувања. Имам таков карактер што не прифаќам ништо без да прашам околу тоа. Ова не е само моја одлика. Балканскиот човек има таква карактеристика. Како резултат на тоа, јас не мислам дека тие се многу успешни на Балканот во однос на степенот на влијание. Поради оваа причина, понекогаш се случуваа несогласувања. Тие одбиваа да го прифатат ваквиот став. Според нив, сѐ треба да биде како што велат тие. Мора да се прифати сѐ и ништо да не се прашува. Срам е да им поставуваш прашања на ‘браќата’. Поради тоа, јас доживеав тешкотии“.

- Принудна претплата на весникот „Заман“

Сејди понатаму укажува дека тие се соочиле со чудни барања и во однос на претплатата на весникот „Заман“ и нагласува дека биле принудени да станат претплатници на овој весник. Тој признава дека вообичаено биле принудувани да станат претплатници на овој весник од страна на „браќата“ кај кои присуствувале на нивните собири за верски предавања.

„На пример, ни наметнуваа нешта од типот: ‘Амир, ти овој месец ќе платиш пет претплати’; на друг: ‘ти ќе платиш десет претплати’, и така натаму. Во меѓувреме, секој прифаќаше. Јас тоа не го прифатив. Ако земев еден весник, тие ќе се обидеа да ме натераат да земам пет од нив. Тоа е во спротивност со она што ни го објаснија во текот на собирите, како советот дека не треба да се троши премногу. Имено, тоа што го велеа не беше во согласност со тоа што го практикуваа. Поради тоа, почнаа да не ми се допаѓаат. Навистина имаше прекумерно трошење. Бизнисмените земаа по десет-дваесет весници и ги фрлаа во канта за отпадоци. Прекумерно трошеа пари и хартија. Во нашето разбирање на исламот не постои такво нешто“, вели Сејди, и додава дека иако овие работи ги наметнувале за време на собирите, тие самите не ги применувале во практиката.

- Не дозволуваа жените да работат со шамија

Сејди нагласува дека во ова училиште на професорките не им било дозволено да работат со шамија. Тој раскажува дека една негова роднина не била примена на работа поради шамијата, иако била професорка по англиски јазик и има блиски врски со нив. Тој не успеал да разбере зошто не е дозволено да се носи шамија на работното место во овие училишта, иако, како што вели, такво нешто не е проблем во Македонија.

Исто така, Сејди вели дека во текот на учебната година се случиле и нешта поради коишто се чувствувал понижено и му било повредено достоинството. Тој раскажува дека при плаќањето на ратите не било дозволено ни најмало одложување и дека три или четири пати бил отстранет од час поради доцнење со плаќањето на ратата.

„Бев отстранет пред очите на моите пријатели. Тие ме отстрануваа од наставата поради доцнењето на ратата, и покрај фактот што учествував на нивните собири, имав разбирање со сите и бев ученик со високи оценки. Каква врска може да има ова со услугата, разбирањето на исламот и со братство што го проповедаа? Навистина, не можам да го разберам ова. Во најдобар случај, тоа може да биде блиско со „менталитетот на Евреите“, затоа што кај нив сѐ оди преку парите“, смета Сејди.

Понатаму, Сејди нагласува дека поради оваа причина се оддалечил од нив и дека кога бил примен на Универзитетот во Истанбул за да ги продолжи студиите, му предложиле да остане во студентскиот дом на ФЕТО.

Сепак, тој одбил да го стори тоа, со што бил „избришан“, односно го гледале како човек, како што вели тој, излезен од верата. Сејди вели дека постои противречност меѓу она што им било зборувано на собирите и нивните постапки во практиката: „На собирите на кои присуствував, тие не зборуваа погрешни нешта, бидејќи ако направеа така, би немале ваков успех толку многу години. Сепак, она што го зборуваа не беше во согласност со практиката. Нивните собири не беа според теолозите на генералната исламска цивилизација. Тие почнуваа со Бедиузаман Саид Нурси и продолжуваа со Фетула Ѓулен. Собирите се одржуваа во најголем дел со читање и анализа на книгите на Ѓулен. Често слушнавме приказни во кои Гулен и Нурси се величаа“.

- Избираа деца од семејства кои имаат помалку познавање на исламот

Според Сејди, организацијата избрала деца од семејства кои имале помалку знаење за исламот, а примери за ова, како што вели, може да се видат и во Албанија и во Косово. Како што вели тој, овие луѓе прифаќаат сѐ што им велат тие.

„Имам пријатели и роднини. Тие се луѓе со чисто срце. Сепак, поради тоа што религијата ја научиле од нив, и бидејќи немале основа од своите семејства, прифаќат сѐ што ќе им се каже. Ако им рече Фетула Ѓулен денес да стават крст поради некоја причина, тие ќе стават“, истакнува Сејди. Сејди вели дека ФЕТО има вршено активности со кои го деградирале исламот под плаштот на „меѓуверскиот дијалог“. „Ставањето на Куранот, Тората и на Библијата на маса, читање на Куранот во средини со алкохол, тоа се работи што ќе му наштетат на исламот и кои не се во согласност со исламот. Човек кој е запознаен со исламот лесно го разбира ова. Бидејќи, според нашето разбирање, Мухамед е последниот пророк. Куранот е последната книга. На книгите пред него им поминал авторитетот. И покрај тоа, другите книги тие ги сметаат за еднакви со Куранот. Ова не е во согласност со исламската филозофија. Нема потреба да чекаме да загинат стотици луѓе во инциденти како државен удар за да се разбере ова“, вели Сејди.

Тој истакнува дека ФЕТО е структура што работи врз основа на парите и дека досега не видел да направат каква било услуга без паричен надомест.

„Тие не вршат услуга, туку работат како трговско друштво. Интервенираат ако се доцни со плаќањето на ратата. Воопшто немаат толеранција. Сѐ прават врз основа на парите. Не мислам дека таму многу им се помага на сиромашните“.

- ФЕТО не се однесува само на Турција, туку и на целиот свет

Борбата против ФЕТО, вели Сејди, треба да се прошири во целиот свет. „Некои македонски и албански семејства тука сѐ уште ги испраќаат своите деца во училиштата на ФЕТО. Тие велат дека ова прашање се однесува на Турција и дека не ги засега нив. Особено преку работата на турската Влада, треба да се сруши оваа перцепција и треба да се покаже дека ова прашање не се однесува само на Ердоган и на Турција, туку, бидејќи е меѓународна терористичка организација, тоа се однесува на целиот свет“, смета Сејди.

Како лице што го доживеал овој период, Сејди вели дека никој не треба да биде поврзан со оваа организација, да не се молчи за штетата и во најмала рака да се бојкотира, и додава дека оваа ситуација не се однесува само на Турција, туку се однесува на целиот свет.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.