Melike Keskin
23 Април 2026•Ажурирај: 23 Април 2026
Мехмет (82) и неговата животна сопатничка 81-годишната Дурдане Акдаг од турскиот град Коња, по неколку години тешкотии во движењето, беа оперирани во ист ден и повторно застанаа на нозе, јавува Анадолу.
Мехмет и Дурдане Акдаг, кои се венчале во градот Коња пред 63 години, никогаш не се разделиле и покрај сите тешкотии со кои се соочиле.
Поддржувајќи се и во болест и во здравје, тие во последните шест месеци речиси ја изгубиле способноста за одење поради прогресивното стеснување на 'рбетниот канал.
Со помош од блиските Мехмет успевал да прави по неколку чекори, а неговата сопруга Дурдане Акдаг била сосема неподвижна, па можност за спас побарале во болницата при Медицинскиот факултет на Универзитетот „Селчук“.
По извршените прегледи била донесена одлука за операција, но возрасната двојка поставила услов и од хирургот побарала нивните операции да бидат извршени во ист ден затоа што никогаш досега не биле разделени.
Докторите, не можејќи да го скријат воодушевувањето од приврзаноста на Мехмет и Дурдане, го прифатиле нивното барање. По завршувањето на сите подготовки двајцата биле оперирани во ист ден, успешно закрепнале и повторно зачекориле.
Доц. д-р Али Ѓулеч, професор на Катедрата за ортопедија и трауматологија при Медицинскиот факултет на Универзитетот „Селчук“, кој ги извршил операциите, за АА објасни дека кај сопружниците Акдаг, кои побарале помош пред два месеца, била дијагностицирана „лумбална спинална стеноза“ – состојба позната како стеснување на ’рбетниот канал во пределот на половината.
Д-р Ѓулеч, раскажувајќи дека сопружниците поставиле јасен услов: „Ќе прифатиме само ако нè оперирате во ист ден”, вели: „Кога ги прашав за причината, ми одговорија: ‘Ние не сме се разделиле цели 63 години. Ако бидеме во иста соба и ако нѐ оперирате во ист ден, тогаш се согласуваме.’ Не сакавме да им го скршиме срцето. Ги сместивме во иста соба, ги опериравме во ист ден и во ист ден двајцата ги застанавме на нозе. Нашите пациенти се пресреќни.”
- „Два часа по операцијата застанаа на нозе, па дури и сами беа изненадени” -
Раскажувајќи дека двојката што се ослободила од тегобите што им го отежнале секојдневниот живот ја споделила радоста со нив, д-р Ѓулеч продолжи: „Два часа по операцијата застанаа на нозе, па дури и сами беа изненадени.”
Мехмет Акдаг бил исклучително среќен што заедно со сопругата влегол во операционата сала и излегол од неа во добра здравствена состојба. Тој вели дека со Дурдане Акдаг веќе 63 години живеат убав и исполнет живот, давајќи си меѓусебна поддршка во секој поглед.
Посочувајќи дека поради болеста едвај правел неколку чекори, а неговата сопруга била речиси неподвижна, Акдаг додаде: „И двајцата страдаме од половината, останавме свиткани. Со божја волја, д-р Али Ѓулеч нè оперираше, прво сопругата, потоа и мене. Операцијата помина добро. Сега со секој изминат ден сме сè подобри. Се чувствувам добро, а и таа. Пред само два дена беше операцијата, а со божја помош ќе бидеме уште подобри. Денес веќе два-трипати прошетавме заедно. Таа малку се плашеше од операцијата, но си дававме храброст еден на друг. Бог е со нас, нема место за тага. Се опериравме и, фала Богу, сега може повторно да одиме.“
Дурдане Акдаг, пак, рече: „Си помагавме еден на друг како што знаевме и умеевме. Се разболевме, бевме принудени да одиме на операција. Нѐ оперираа во ист ден. Јас многу се плашев, но сопругот не се плашеше. Си го вративме здравјето. Нека Бог ги благослови и нека им дава леснотија во работата. Сега сме добро.“