Senada Ibraimova
08 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје се одржува конференција за актуелните состојби во предучилишното воспитание и образование и за приоритетите во новата сеопфатна стратегија за образованието, јавува Anadolu Agency (AA).
Настанот е посветен на анализите за преучилишното образование, каде што Владата заедно со други институции и со помош на Европската комисија работат на анализа за тоа што треба да се преземе понатаму.
Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими во своето обраќање до медиумите изјави дека Владата работи на зголемување на опфатот во предучилишното воспитание и образование.
Според него, важен исчекор на Владата е зголемувањето на овој опфат од 9% во 2006 година на 26% во 2016 година.
„Новиот проект на Владата на Република Македонија за изградба на 140 градинки, ќе го зголеми тој капацитет и очекуваме некаде во наредните четири години опфатот да биде зголемен на околу 40 отсто. Презедовме и други мерки во насока на зголемување на капацитетите. Прво е доделувањето грантови за отворање приватни детски градинки, но, исто така и во делот за откупување на градежно земјиште за 1 евро по квадратен метар“, изјави министерот Ибрахими.
Тој додаде дека освен ова, Владата планира сама да инвестира, односно како што вели, за годинава е планирано отворање на многу објекти, како и изградба и реконструкција на веќе постоечки. За изградбата на детски градинки министерот Ибрахими рече дека ќе бидат објавени тендери во јавноста и додаде оти едната од нив се планира да се направи во арената „Филип Втори“. Тој нагласи дека ја поддржуваат секоја приватна иницијатива.
На конференцијата ќе се разговара за актуелната состојба на предучилишното воспитание и образование во државата, а ќе бидат претставени анализи и предлози за воведување нови мерки.
На оваа конференција учествуваат министерот за образование и наука, Пиштар Лутфиу, претставници од Делегацијата на ЕУ во Скопје, како и професори од државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ , претставници од УНИЦЕФ и тим лидери на ЕУ ИПА проектите од Министерството за труд и социјална политика и од Министерство за образование и наука.