Senada Ibraimova
20 Март 2017•Ажурирај: 21 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Годинава, петти пат по ред, иницијативата „Старт ап зона“ со институционалниот покровител и коорганизатор, Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) ќе ја организираат манифестацијата „Кодфест Тек“ во областа на иновациите, којашто ќе се одржи од 7 до 9 април во Охрид, јавува Anadolu Agency (AA).
Годинава, мотото на „Кодфест Тек“ ќе биде славење на иновациите во технологиите, а во текот на тридневната манифестација, учесниците и индивидуалците кои се занимаваат со иновации ќе имаат можност да ги претстават своите производи.
„Овој настан ќе биде организиран од 7 до 9 април и ќе има бројни содржини, каде што и фондот се вклучува со практична работилница како да се подготват поквалитетни предлог-проекти за тековниот, четврти повик, каде што компаниите имаат можност да добијат средства до 100.000 евра“, изјави директорката на ФИТР, Јасмина Поповска. Таа додаде дека за годинава, фондот има на располагање 1 милион 450 илјади евра за финансирање проекти, со коишто може да се финансираат 25 претпријатија.
Целта на организирањето на „Кодфест Тек“ првично е да им се даде можност на најмладите и на најиновативните луѓе од Македонија, да се претстават во интернационални рамки, вели Јасна Тренговска, претседателката на „Старт ап зона“.
„Носиме голем број интернационални експерти, кои во различен формат се дел од настанот, како спикери, ментори, жири, како директна поддршка на тимовите што учествуваат на маратонот Кодфест. Целта ни е тие да можат да се доближат на некој начин до тој меѓународниот, интернационален технолошки свет, да добијат една таква видливост и да добијат валидација во рана фаза на нивните идеи и проекти“, изјави Тренговска.
Од ФИТР информираат дека интересот за овој четврти повик е мошне голем, и оти досега на одржаните 8 информативни сесии учествувале 100 – 200 компании, од коишто очекуваат да аплицираат со добри проекти, за понатаму да бидат избирани од страна на фондот, како и да бидат финансирани во текот на годината.