Barry Eitel
16 Март 2017•Ажурирај: 17 Март 2017
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Истражувачите за кибер-безбедност открија одредени недостатоци во сервисот за испраќање пораки „Ватс ап“, коишто им овозможуваат на хакерите да ги пробиваат корисничките профили со испраќање слика со малициозен софтвер, јавува Anadolu Agency (AA).
Се чини дека исто така подложен на хакирање е и „Телеграм“, уште едeн популарен сервис за испраќање пораки. Корисниците се хакирани додека ги користат услугите преку веб-провајдерот.
Сервисите се пофалија со енкрипција со која само уредите на двете страни што комуницираат можат да ја дешифрираат испратената порака.
Компанијата за кибернетска безбедност „Чек поинт рисрч“ соопшти дека открила начин како да се заобиколи енкрипцијата, со испраќање слика до корисникот. Ако се отвори, малициозниот софтвер прикачен за фајлот може да се пробие во сметката на корисникот.
„Оваа ранливост, ако се искористи, ќе им овозможи на напаѓачите целосно да ги преземат корисничките профили на секој интернет-пребарувач, и да пристапат до лични и групни разговори на корисници, до фотографии, видеа и други споделени датотеки, контакт-листи и друго“, се вели во соопштението на „Чек поин рисрч“.
„Ова значи дека напаѓачите можат да ги преземат вашите фотографии или да ги објават на интернет, да испраќаат пораки во ваше име, да бараат откупнина, па дури и да ги преземат корисничките профили на вашите пријатели“.
„Чек поинт“ упати предупредување до „Ватс ап“ и „Телеграм“ на 7 март, а компаниите пронајдоа решение за проблемот. Не постои доказ дека хакерите ја искористиле ранливоста за пробивање на корисничките профили.
„Ватс ап“, кој е во сопственост на „Фејсбук“, има над 1 милијарда корисници и е еден од најпознатите сервиси за испраќање пораки. „Телеграм“ има повеќе од 100 милиони корисници и компанијата вели дека секој ден преку услугата се испраќаат 15 милијарди пораки.
„Ние направивме информациите на луѓето да бидат безбедни на ‘Ватс ап’“, истакна портпаролот на „Ватс ап“. „Кога ‘Чек поинт’ нѐ извести за ова, презедовме активности во рок од еден ден и направивме ажурирање за ‘Ватс ап’ за веб“.