Gökhan Ergöçün
30 Октомври 2020•Ажурирај: 31 Октомври 2020
ИСТАНБУЛ
Мотор дизајниран и произведен од Подружницата за производство на мотори при Турските аеровселенски индустрии (TAI) ќе се користи како погон за турските беспилотни летала „Акинџи“ на производителот „Бајрактар“ и за ТБ3-дроновите, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Новиот мотор, произведен од ТУСАШ моторни индустрии (TEI), има највисоки перформанси во својата класа на глобално ниво“, истакна Селчук Бајрактар, главен технолошки директор на „Бајрактар“.
Споделувајќи видео од тест-фаза на моторот од минатиот месец, тој истакна дека моторот не е прототип, туку мотор за сериско производство.
Канада на почетокот на овој месец објави дека ги суспендира дозволите за извоз на оружје за Турција поради наводи дека користи канадска технологија во воениот конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан во Нагорно Карабах.
По овој потег на Канада, Претседателството на одбранбени индустрии на Турција објави дека одбранбената индустрија на Турција продолжува по својот пат, без оглед на одлуките за ембарго.
„Нашиот систем камери за таргетирање, кои ќе бидат поставени на нашите вооружени беспилотни летала, одат во сериско производство, благодарение на оние што придонесоа кон тоа“, се вели од Претседателството.
Канадски производител на мотори, исто така, оваа недела соопшти дека ја прекинува продажбата на авионски мотори за Турција.
- Турската одбранбена индустрија -
Неколку турски фирми се активни во областа на одбраната преку своите врвни воени производи како што се вооружените беспилотни летала, далечински управувано оружје, ракети и системи за ПВО.
Тоа особено се однесува на „Бајкар“ и Турските аеровселенски индустрии (TAI) кои произведуваат летала од светска класа изработени локално.
Турција спроведе неколку успешни операции во Сирија со воени летала без екипаж.
Пет турски фирми - „Аселсан“, ТАИ, СТМ, „Рокетсан“ и БМЏ - се меѓу првите 100 одбранбени компании на светско ниво.