Can Erözden
21 Ноември 2018•Ажурирај: 22 Ноември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Медицинска сестра од Турција ја доби наградата за најдобри достигнувања за истражувачкиот проект за безболна аспирација на новороденчињата во Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA)
Ебру Темизсој, медицинска сестра од Одделот за интензивна нега на новороденчиња од болница во Истанбул, и нејзиниот тим истражувачи составен од три сестри и двајца доктори, разви нетрауматска метода за аспирација кај новороденчињата.
Темизсој за АА изјави дека проектот бил награден од страна на Националната асоцијација за неонатални медицински сестри на својата 34. Годишна конференција во Калифорнија, САД.
„Бебињата трпат голема болка при аспирацијата. Оваа болка може да биде иста како онаа при циркумцизијата. Нашите истражувања беа фокусирани на минимизирањето на болката и спречувањето на други компликации“, истакна Темизсој.
Таа нагласи дека аспирацијата е трауматична и болна за новороденчињата и може да предизвика крвавење, но со нетрауматската техника за аспирација болката значително се намалува.
„Во нашето истражување применивме техника без да ја допираме устата и мукозата на носот за време на аспирацијата. Техниката не предизвика ни најмало крвавење, ниту болка“, објасни Темизсој.
Турскиот тим на Конгресот се претстави со уште два проекта поврзани со доењето на новороденчињата и влијанието на мајчиниот глас на бебето кое има болки.