Gökhan Kurtaran
22 Јануари 2019•Ажурирај: 23 Јануари 2019
ЛОНДОН (АА) - ЃОКХАН КУРТАРАН -
Директорот на Европската банка за обнова и развој (EBRD) за Турција, Арвид Туеркнер, изјави дека оваа банка минатата година на подрачјето на Турција реализирала 34 проекти и остварила инвестиција од милијарда евра, и дека целта е на исто ниво да се остварат инвестиции и во оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Туеркнер, во разговор со новинарот на АА зборуваше и за инвестициските планови и приоритети на Европската банка за обнова и развој (EBRD) за оваа година. Тој се осврна и на минатата 2018 година, која, според неговите зборови, била година на геополитичка напнатост, економски кризи, пад на вредноста на валутите, намалување на расположението на инвеститорите... Сепак, како што нагласи Туеркнер, Европската банка за обнова и развој останува силно предана на турската економија.
Тој потсети дека оваа банка во изминатата година на подрачјето на Турција реализирала 34 проекти, а станува збор за ивестиција во вредност од милијарда евра.
„Нашите вложувања во Турција во 2019 година ќе бидат на исто ниво како и минатата година, а станува збор за инвестиции вредни околу милијарда евра. Ние сме банка која се движи врз основа на побарувачката. Нашите вложувања ќе зависат од моменталната побарувачка за финансирање, подготвеноста на домашните и странските инвеститори да вложуваат, состојбата на пазарот на капиталот, но и од други фактори“, изјави Туеркнер.
Кога станува збор за приоритети, односно сектори на кои Европската банка за обнова и развој ќе биде најмногу фокусирана во 2019 година, Туеркнер изјави:
„Оваа година првенствено ќе се фокусираме на земјоделството, како и на извозноориентираната индустрија. Ќе продолжиме да се занимаваме со обновливите извори на енергија.“
Тој нагласи дека има за цел да обезбеди ново финансирање за поддршка на жените претприемачи.
Зборувајќи за турската економија, Туеркнер истакна дека Турција на економски план, и покрај големиот број турбуленции изминатата година, покажала дека има многу цврсти темели.
„Стратешката геополитичка положба на Турција не е само благодат во поглед на трговијата, нејзината култура и клима ја прават неизбежна дестинација за голем број туристи. Големи се очекувањата за оваа година кога станува збор за турскиот туризам“, изјави Туеркнер.
Тој додаде дека економијата во 2019 година нема да забави.
„Банкарскиот сектор како клучен фактор на економијата е често под стрес. Тоа може да го забави економскиот напредок. Во Турција имаме потреба за политички одговори кои ќе обезбедат пристап до финансиските средства, кои на банките ќе им овозможат економски активности. Стабилните структурни реформи за подобрување на деловното опкружување ќе помогнат во обновата на довербата на инвеститорите“, смета Туеркнер.
Според неговите зборови, економскиот раст на Турција во оваа година се очекува во втората половина на оваа година.
„Оваа година очекуваме дека во вториот или во третиот квартал растот би можел да биде негативен. Потоа, во втората половина на годината очекуваме зголемување на економскиот раст“, изјави Туеркнер.