економија

Организацијата Д8 ја разви платежната картичка D8P Card

Генералниот секретар на организацијата Д8, Дато Ку Џафер Шари, говореше за проектите на Д8, вклучувајќи го и вмрежувањето на аеродроми, безвизните патувања и платежната картичка D8P

Gülsüm İncekaya  | 21.01.2019 - Обновена : 22.01.2019
Организацијата Д8 ја разви платежната картичка D8P Card

Istanbul

ИСТАНБУЛ (АА) - ЃУЛСУМ ИНЏЕКАЈА (АА) -

По апелот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за трговија со сопствени валути, Организацијата за економска соработка Д8, која ја сочинуваат осум земји во развој, ја разви платежната картичка D8P со која овие земји трговската размена и другите форми на плаќање може да ги вршат во сопствени валути, јавува Anadolu Agency (AA).

Генералниот секретар на организацијата Д8, Дато Ку Џафер Шари, службено ја посети Анкара заради потпишување на договорот за соработка меѓу оваа организација и Anadolu Agency (AA), и во таа пригода за нашата медиумска куќа говореше за проектите на Д8, вклучувајќи го и вмрежувањето на аеродроми, безвизните патувања и платежната картичка D8P. 

Тој истакна дека организацијата Д8 е основана во 1997 година под раководство на некогашниот турски премиер Неџметин Ербакан, и дека во изминатите две децении има отварено голем број цели. 

„Д8 по основањето создаде план за делување за 20 години. Минатата година се концентриравме на активности за јакнење на меѓудржавната соработка на полето на трговијата, земјоделството, безбедноста на храната, транспортот, енергетиката и туризмот. Остваривме многу успеси, но има и проекти на кои работиме од порано. Оваа година сериозно планираме да ја интензивираме енергетската соработка“, рече Шари.

Тој посочи и дека се работи на проекти за соработка во голем број области, вклучително и во областа на цивилното воздухопловство, поморскиот транспорт и туризмот и додаде дека земјите членки работат и на заеднички проекти за борба против сиромаштијата во светот. 

„Нигерија ни донираше зграда која ќе биде седиштето за социјалните проекти од кои очекуваме искучително добри резултати. Во тој контекст започнавме и план за мрежа на избрани аеродроми преку кои ќе се спроведуваат активностите“, рече Шари. 

Членките на Д8 минатата година потпишаа договор за визна либерализација, а Шари рече дека овој договор ќе биде имплемениран кога се имплементира и мрежното поврзување на аеродроми Д8. 

Тој нагласи дека Д8 работи на спроведување на идејата што турскиот претседател Ердоган ја изнесе минатата година за трговијата во сопствени валути. 

„По предлогот на Ердоган компанија од Малезија ја разви платежната картичка D8P. Со оваа картичка сите земји членки на Д8 ќе можат да ја плаќаат со сопствени валути сета меѓусебна трговска размена и да подмируваат други меѓусебни платежни обврски“, истакна Шари. 

Тој најави дека наскоро ќе се одржи состанок на челиците на централните банки на членките на Д8 и дека ќе го заокружат тој процес. 

„Во моментов сум среќен што сите со радост ја прифатија идејата. Проект-картичката ќе можат да ја користат сите граѓани на државите членки за сите трговски и туристички платежни потреби. За некое време оваа картичка ќе стане нешто слично на Мастер или Виза картичките“, рече Шари. 

Паралелно со ова, Д8 работи и на реализација на идејата за формирање на економски и финансиски центар во Куала Лумпур, и Шари за АА истакна дека во моментов бараат соодветен објект за тоа. 

Тој нагласи дека турскиот лидер Ердоган е многу ценет и влијателен и во другите земји, и дека како таков е голем бенефит за организацијата Д8. Шари додаде дека трговијата со домашни валути е само една од идеите на Ердоган кои се многу важни за Д8. 

„Сето ова се случува благодарение на Ердоган. Како Малезиец можам да кажам дека тој е многу популарна личност и дека многумина му се восхитуваат. Ние сме им благодарни на Ердоган и на Турција за сето она што го прават за Д8“, рече Шари.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın