Nazlı Yüzbaşıoğlu
08 Април 2021•Ажурирај: 10 Април 2021
АНКАРА
Блокот Д-8, кој го сочинуваат осум земји во развој, денеска постигна договор во наредниот период додатно да ја зголеми меѓусебната трговска соработка, јавува Агенција Анадолија (АА).
За време на 10. Самит на Блокот Д-8, чиј домаќин беше Бангладеш, групата земји ја прифатија 10-годишната Мапа на патот Д-8 за периодот 2020 - 2030 година, а чија цел е да ја направи оваа организација уште посилна.
На Самитот присуствуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Со Мапата на патот, Блокот има за цел да стане уште посилен и поразвиен и да го поддржи спроведувањето на релевантните стратегии и акциски програми кои помагаат во постигнувањето на агендата на одржливост до 2030 година, која ја поставија Обединетите нации.
Целта е исто така да се изработат конкретни планови за проектите за секое подрачје на соработка заради постигнување на јасни секторски цели.
Земјите Д-8 се согласија исто така да ја зголемат трговската соработка и обемот на нивната трговија на најмалку 10 отсто од вкупната трговија на овој блок на земјите.
Државите Д-8 за време на Самитот со Декларацијата од Дака ја потврдија посветеноста на борбата против расизмот, дискриминацијата, ксенофобијата и антимуслиманските чувства.
„Искрена благодарност до претседателот на Турција, Ердоган, за водството и напорите кога станува збор за поддршката на целите на групата Д-8“, се вели во Декларацијата од Дака.
Основањето на Блокот Д-8 официјално е објавено на 15 јуни 1997 година, во Истанбулската декларација од Самитот на шефовите на држави и влади.
Блокот ги вклучува Бангладеш, Египет, Нигерија, Индонезија, Иран, Малезија, Пакистан и Турција.