Ayhan Şimşek
08 Април 2021•Ажурирај: 09 Април 2021
БЕРЛИН
Германија ќе разговара со Русија, без учество на Европската Унија, за можно купување на вакцината против коронавирусот „Спутник ве“, изјави министерот за здравство, Јенс Шпан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој ненадеен чекор на Владата на Германија дојде откако Европската комисија ги информира државите членки дека нема намера да преговара со Русија за можната набавка на вакцините.
Шпан за WDR изјави дека за таа одлука вчера го информирале министерот за здравство на ЕУ преку видеоконференција.
„Му одговорив дека Германија ќе разговара со Русија билатерално“, изјави тој и додаде дека ќе видат дали руските власти можат да испорачаат доволно количество вакцини навремено.
Шпан нагласи дека вакцината „Спутник ве“ може да се употребува во Германија, доколку Европската агенција за лекови (ЕМА) ја одобри во текот на наредните недели.
Владата на канцеларката Ангела Меркел долго ја бранеше колективната програма на купување на вакцините во ЕУ, но во Германија е остро критикувана, бидејќи не обезбедила доволно дози за брзо да го вакцинира населението.
Германија започна со имунизација во декември минатата година, но процесот е отежнат поради доцнење на испораките на вакцините и логистички проблеми.
Досега се регистрирани 9,3 дози вакцина на 100 жители и стапката на вакцинација е далеку зад останатите развиени земји.
Во Германија до вчера (среда) речиси 10,8 милиони лица ја примија првата доза вакцина, додека повеќе од 4,6 милиони се ревакцинирани.