Mümin Altaş
24 Декември 2017•Ажурирај: 25 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Министерката за труд и социјална сигурност на Република Турција, Жулиде Сариероглу, изјави дека со последната уредба на турската влада право на стекнување статус на државни службеници имаат 450.000 вработени во јавниот сектор на земјата, кои досега работеа како изнајмувана работна сила од агенциите и другите сервиси, јавува Anadolu Agency (AA).
Владата на Република Турција донесе уредба со законска сила, со која сите изнајмени работници во јавните установи и во службите добија можност да станат државни службеници, а за тоа во наредните десет дена треба да достават писмено барање. Со поднесување на барањето, заинтересираните треба да ги исполнуваат и основните услови предвидени со Законот за државни службеници на Турција.
Оваа тема предизвика големо внимание во турската и пошироката јавност, а турската министерка за труд и социјална сигурност, Жулиде Сариероглу, за деталите од уредбата говореше како гостин на денешниот уреднички колегиум на Anadolu Agency (АА).
Ресорната министерка истакна дека уредбата се однесува на сите изнајмени работници во јавниот сектор кои стапиле во таков работен однос најдоцна до 4 декември оваа година.
„Говориме за вработените од буџетските институции и установи, потоа за јавните установи кои не се директно поврзани со државниот буџет и установите кои се занимаваат со инспекциски работи“.
Истакнувајќи дека Законот за државни службеници предвидува и полагање на приемен испит, Сариероглу рече дека ваков тест ќе биде спроведен и дека целосната процедура за промена на статусот од изнајмен работник до јавен службеник ќе трае до три месеци.
„Уредбата е плод на опсежната и посветена работа на владата. Дури и синоќа, до доцните вечерни часови работевме за да го добиеме овој финален акт од кој можат сите да бидат задоволни. Среќна сум што го исполнивме даденото ветување и донесовме прекрасна вест за работниците пред Нова година“, рече министерката Сариероглу.
Таа нагласи дека мерките од уредбата ќе бидат имплементирани во четири фази и појасни дека во првата фаза ќе биде решен статусот на вработените во буџетските корисници на државно ниво.
„Втората фаза се однесува на регионалните и локални институции, третата на сезонските вработени во јавниот сектор, а четвртата фаза е решавање на статусот на работниците со статус 4С, кој се однесува на приватизацијата“, изјави Сариегоглу.
Додаде дека во турскиот јавен сектор моментално работат 140.000 државни службеници, и дека постојан работен однос со институциите ќе засноваат 450.000 работници.
Таа исто така појасни дека статус на јавен службеник може да добијат и сите изнајмени работници во општините и градовите, вклучувајќи ги и оние во секторот за комунални услуги и додаде дека во иднина институциите нема да распишуваат тендери за набавка на работна сила, туку сите работи ќе ги извршуваат сталните вработени во јавниот сектор.