Sefa Şengül
27 Декември 2020•Ажурирај: 29 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Под раководство на Претседателството на турската одбранбена индустрија (ССБ) инициран е „Проект за развој на торпедо од 324 милиметри (ОРКА)“ за да се задоволат потребите на Командата на турските поморски сили за торпедо од лесна категорија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на ССБ се наведува дека со проектот ОРКА, што ќе се развива од страна на РОКЕТСАН како главен изведувач, ќе биде ставен крај на надворешната зависност во оваа област.
Во просториите на ССБ се одржа церемонијата за потпишување на проектот, кој е инициран за задоволување на потребите од Командата на поморските сили во категоријата на торпеда од лесна класа. На церемонијата покрај проф. д-р Исмаил Демир, претседателот на Претседателството на турската одбранбена индустрија, присуствуваа и претставници од Министерството за национална одбрана, ССБ, РОКЕТСАН и АСЕЛСАН.
Со овој проект, на локално и национално ниво ќе се развие вооружениот систем, торпедото ОРКА ќе може да се користи против подморниците од страна на платформите на вода и поморските воздухопловни летала, кои се наоѓаат во инвентарот на Командата на турските поморски сили.
Торпедото ОРКА, кое ќе поседува прецизно насочување, навигација, напредно скенирање и можност за напад, ќе обезбеди висока ефикасност во погаѓањето на целта со својата отпорност на измами и конфузија.
Искуството што РОКЕТСАН го има стекнато со проектот на торпедото АКЈА од тешка категорија, кое се планира да биде испорачано следната година, ќе биде пренесено и на проектот ОРКА.
Во проектот ОРКА, покрај главниот изведувач РОКЕТСАН, како главен подизведувач ќе учествува и АСЕЛСАН. ОРКА како национален елемент ќе додаде сила во моќта на Турските вооружени сили во заштитата на „сината татковина“.
- „ОРКА ќе нè спаси од зависноста од странство на ова поле“ -
Во изјавата во која е вклучен и ставот на претседателот на Претседателството на турската одбранбена индустрија, Демир, се вели: „Ја забрзуваме работата врз основа на ветувањето што го даде нашиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, дека ‘двојно побрзо ќе работиме во одбранбената индустрија’. Сега не е време за запирање, секој изминат ден е драгоцен. Кога на нашите безбедносни сили им треба нешто, потребно е самите да го обезбедиме тоа, наместо да го купуваме од странство. Затоа, како и во секој друг проект, нашите компании што ќе го спроведуваат проектот ќе ги забрзаат своите активности. Во исто време проектот ОРКА ќе нè спаси од надворешната зависност на ова поле.“
Демир му посака успех на целиот тим што ќе работи на проектот и изрази желба нивната трудољубивост да продолжи зголемувајќи се.