Çiğdem Münibe Alyanak
05 Октомври 2023•Ажурирај: 06 Октомври 2023
ЧАНАККАЛЕ (АА) – Во северозападниот дел на Туркије археолозите открија древен железен трозабец за кој се верува дека се користел за риболов во древниот град Асос, јавува Анадолу.
Древниот град, сместен во областа Ајваџик во Чанаккале, е сведок на историјата со остатоци од урнатини и артефакти од римскиот и византискиот период откриени за време на археолошките ископувања.
Ископувањата во древниот град ги врши тим предводен од Нуретин Арслан, професор на Универзитетот „18 Март“ во Чанаккале, а целиот процес на ископување и истражување е поддржан од Министерството за култура и туризам на Туркије и Друштвото на историчари на земјата.
Последниот предмет што го пронајдоа археолозите е железен трозабец, за кој се верува дека е стар околу 1.700 години и кој се користел за риболов во античко време.
Стручен реставратор работеше на археолошкиот наод, на негово чистење од земјата и оксидираните материи на него.
Археологот Арслан за Анадолу рече дека станува збор за трозапци што се видени и на мурали и на други цртежи.
„Ова е првпат да најдеме такви материјали во Асос бидејќи алатите направени од железо се материјали што најбрзо се распаѓаат во древните градови. Иако знаеме дека ваквите орудија биле широко користени во античко време, може да кажеме дека станува збор за важно откритие бидејќи примероците што досега се зачувани се многу ретки“, нагласи Арслан.
Тој додаде дека најверојатно се работи за харпун со трокука што во античко време се користел за ловење риба.