Намалениот квалитет на сонот го забрзува стареењето на мозокот, покажува нова студија
Истражувачите откриле дека оние со нарушен сон имале мозок што изгледа значително постар од нивната реална возраст

ЛОНДОН (АА) – Луѓето кои немаат квалитетен сон можат да имаат мозок што изгледа речиси една година постар од нивната вистинска возраст, според ново истражување спроведено врз повеќе од 27.000 возрасни лица на возраст меѓу 40 и 70 години, јавува Анадолу.
Студијата, објавена во британското медицинско списание „Лансет“, ги анализирала навиките за спиење и снимките од магнетна резонанција на мозокот на учесниците, користејќи вештачка интелигенција за да ја процени нивната „возраст на мозокот“ – биолошки показател заснован на промени како губење на ткиво, тенчење на кората и оштетување на крвните садови.
Истражувачите откриле дека оние со нарушен сон имале мозок што изгледа значително постар од нивната реална возраст.
Секое намалување на квалитетот на сонот било поврзано со околу шест месеци дополнително стареење на мозокот.
Во просек, луѓето со навики како несоница, 'рчење, нарушен сон или оние што заспиваат доцна, имале мозоци што изгледале за околу една година постари од нивната вистинска возраст.
„Мозочна возраст повисока од хронолошката може да биде знак за отстапување од здравото стареење“, наведуваат истражувачите.
Претходните студии покажале дека постар изглед на мозокот е поврзан со побрз когнитивен пад, поголем ризик од деменција и дури и пократок животен век.
Тимот истражувачи, исто така, откриле дека воспалението во организмот може делумно да ја објасни врската помеѓу лошиот сон и стареењето на мозокот, бидејќи високото ниво на воспаление може да ги оштети крвните садови и мозочните клетки.
Воспалението објаснувало околу 10 % од врската меѓу сонот и стареењето на мозокот.
Иако стареењето на мозокот не може целосно да се избегне, истражувачите нагласуваат дека здравиот начин на живот може да го забави процесот.
Одржувањето редовен распоред за спиење, ограничувањето на кофеинот, алкохолот и времето пред екрани, како и создавањето тивка и темна средина за спиење може да помогнат за зачувување на мозочната функција на долг рок.