Fuat Kabakcı
29 Август 2018•Ажурирај: 30 Август 2018
ПЕКИНГ (АА) - Кинеските научници открија ген кој ја регулира функцијата на мозокот и чиј недостаток може да биде причина за аутизам, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави новинската агенција „Синхуа“, научниците од Кинеската академија на науки вршејќи експерименти врз глувци, откриле дека недостатокот на ензимот треонин киназ PAK2 кој е кодиран од генот PAK2, може да доведе до појава на аутизам.
Во споменатиот експеримент кај глувците е отстранет генот PAK2. Во понатамошното надгледување е забележано дека недостатокот на овој ген предизвикал абнормална функција на нервите и довел до појава на однесувања што се поврзани со аутизам.
Генот PAK2 кој го кодира ензимот треонин PAK2 игра клучна улога во уредувањето на клеточната структура, растот на клетката и нејзината смрт.
Во истражувањата спроведени во минатото беше откриено дека на појавата на аутизмот влијаат над 800 гени. Функцијата на споменатите гени и нивното влијание врз појавата на аутизам сè уште остануваат нејасни.
Во поголемиот број случаи, аутизмот е наследен и кај луѓето предизвикува ментални неправилности. Потешкотиите во социјалната интеракција и комуникација се сметаат за значајни индикатори на болеста.
Истражувањето е објавено во меѓународното списание „Cell Reports“.