Каталин Карико и Дру Вајсман се добитници на Нобеловата награда за физиологија или медицина за 2023 година
- Доделувањето на Нобеловите награди за 2023 година започна со награди од областа на физиологијата или медицината, а овогодишни лауреати се унгарско-американската биохемичарка Каталин Карико и американскиот научник Дру Вајсман
СТОКХОЛМ (АА) - Доделувањето на Нобеловите награди на Кралската шведска академија на науки за 2023 година започна со награди од областа на физиологијата или медицината, а овогодишни лауреати се унгарско-американската биохемичарка Каталин Карико и американскиот научник Дру Вајсман, јавува Анадолу.
Престижната награда им припадна за нивниот придонес во развојот на mRNA-вакцината против Ковид-19.
„Откритијата на Каталин Карико и Дру Вајсман – наградени со Нобеловата награда за физиологија или медицина во 2023 година – беа клучни во развојот на ефективни mRNA-вакцини против Ковид-19 за време на пандемијата што започна на почетокот на 2020 година. Со нивните револуционерни откритија, овогодишните лауреати фундаментално го променија нашето разбирање за тоа како mRNA комуницира со нашиот имунолошки систем. Тие придонесоа за невидена стапка на развој на вакцини за време на една од најголемите закани за човековото здравје во модерното време“, изјавија од Нобеловиот комитет на Институтот „Каролинска“ во Стокхолм.
Нобеловата награда во оваа област ја доделува Шведската кралска академија, а вреди 11 милиони шведски круни (околу 950.000 евра).
Наградата за физиологија или медицина е првата Нобелова награда што се доделува оваа година. Во текот на неделата ќе бидат објавени и останатите лауреати.
Нобеловата награда се доделува секоја година за најголемите достигнувања кои придонеле за човештвото во текот на претходната година.
Станува збор за награди за достигнувања во областа на физиологијата или медицината, физиката, хемијата, литературата, економијата и за придонес за мирот, што почнаа да се доделуваат пред 120 години во чест на шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел (1833-1896).
Нобеловата награда за прв пат е доделена во 1901 година, а првично се доделуваше во пет области, а од 1968 година почна да се доделува и во областа на економијата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
