наука и технологија

Истражувачите открија генска варијанта која штити против тежок облик на Ковид-19

„Фактот што индивидуите со африканско потекло ја имаа истата заштита ни овозможи да ја идентификуваме единствената варијанта во ДНК што всушност штити од Ковид-19“

Rabia İclal Turan  | 18.01.2022 - Обновена : 25.01.2022
Истражувачите открија генска варијанта која штити против тежок облик на Ковид-19

ИСТАНБУЛ (АА) - Меѓународен тим истражувачи откри специфична генска варијанта која штити против тежок облик на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).

Истражувачите од Институтот „Каролинска“ во Шведска, Институтот „Лејди Дејвис“ при Еврејската општа болница во Канада и здравствениот систем ВА Бостон во САД ги проучувале податоците за гените собрани од луѓе со различни предци за кои велат дека „ја потенцира важноста на спроведување клинички испитувања кои вклучуваат луѓе со различно потекло“.

Објавено во списанието „Нејчр џенетикс“ (Nature Genetics), во истражувањето се испитани 2.787 хоспитализирани пациенти со Ковид-19 од африканско потекло и 130.997 луѓе во контролна група од шест кохортни студии.

Студијата покажува дека осумдесет отсто од индивидуите со африканско потекло ја носеле заштитната варијанта, а потоа направена е споредба со претходното истражување на индивидуите со европско потекло.

„Фактот што индивидуите со африканско потекло ја имаа истата заштита ни овозможи да ја идентификуваме единствената варијанта во ДНК што всушност штити од Ковид-19“, рече Џенифер Хафман, една од истражувачите од здравствениот систем ВА Бостон, првиот автор на истражувањето.

Варијантата на заштитниот ген (rs10774671-G) ја одредува должината на протеинот кодиран од генот OAS1, велат истражувачите. Претходните истражувања покажаа дека подолгата варијанта на протеинот е поефикасна против потежок облик на Ковид-19.

„Ова истражување покажува колку е важно да се вклучат поединци од различни предци. Да проучувавме само една група немаше да бидеме успешни во идентификувањето на варијантата на генот во овој случај“, вели Хуго Зеберг, еден од авторите на истражувањето и доцент на Катедрата за невронаука при Институтот „Каролинска“.

Според истражувачот и генетичар Брент Ричардс од Универзитетот „Мекгил“ во Канада, ова истражување е клучно за развој на нови лекови против Ковид-19.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.