Извештај: Климатските промени додаваат уште еден месец екстремна топлина за 4 милијарди луѓе
Во периодот од мај 2024 до мај 2025 година околу 4 милијарди луѓе, или половина од светската популација, се соочиле со најмалку 30 дополнителни дена со екстремна горештина

ИСТАНБУЛ (АА) - Човечките активности што доведуваат до климатски промени предизвикале, во просек, 30 дополнителни дена со екстремна топлина последната година за речиси половина од светската популација, се наведува во новиот извештај објавен денес пред Меѓународниот ден за акција против топлотни бранови, кој се одбележува на 2 јуни, јавува Анадолу.
Истражувањето е спроведено од научници од Светската сеопфатна иницијатива за време (WWA), Климатскиот центар и Климатскиот центар на Црвениот крст и Црвената полумесечина и ја нагласува сè поголемата опасност што ја носат топлотните бранови поради континуираното користење фосилни горива.
Во периодот од мај 2024 до мај 2025 година околу 4 милијарди луѓе, или половина од светската популација, се соочиле со најмалку 30 дополнителни дена со екстремна горештина, дефинирани како температури повисоки од 90 отсто од историјата на мерењата во нивниот регион – во споредба со свет без климатски промени.
Научниците, исто така, утврдија дека климатските промени ги удвоиле или повеќекратно зголемиле екстремно жешките денови во 195 држави и територии. Сите 67 големи топлотни бранови што се случиле изминатата година биле влошени од климатските промени предизвикани од луѓето.
„Ова истражување мора да се сфати како уште едно сериозно предупредување. Климатските промени се реалност – и тие убиваат“, порача Фридерике Ото, кораководителка на WWA и предавач во Империјал колеџ во Лондон.
„Знаеме како да ги спречиме топлотните бранови од тоа да се влошат: мора да ја смениме енергетската структура и да се ориентираме кон обновливи извори, а не фосилни горива.“
Маријам Захарија, истражувачка од Империјал колеџ, рече дека резултатите се „запрепастувачки“, нагласувајќи дека ваквите зачестени и интензивни горештини доведуваат до многубројни последици – од топлотни удари и смртни случаи до загуби во земјоделството, намалена продуктивност и нарушувања во транспортот.
Руп Синг, раководител на секторот за урбани прашања и атрибуција во Климатскиот центар на Црвениот крст, апелираше за побрза и посериозна реакција:
„Ни требаат подобри системи за рано предупредување, конкретни планови за дејствување при топлотни бранови и долгорочно урбано планирање што ќе одговара на сѐ поголемиот предизвик.“
Потпретседателката за наука во „Климатски центар“, Кристина Дал, нагласи дека топлината е најсмртоносна последица од климатските промени.
„Ниедно место на планетата не е поштедено од климатските промени. Имаме научни податоци што прецизно покажуваат како емисиите од фосилни горива го менуваат нашиот секојдневен живот и милијарди луѓе ги изложуваат на ризик.“
Извештајот повикува владите да ги зајакнат плановите за справување со горештини, да го подобрат следењето и известувањето за последиците од топлотните бранови и да вложат повеќе во долгорочни стратегии за адаптација.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.