Fuat Kabakcı
10 Октомври 2018•Ажурирај: 11 Октомври 2018
ПЕКИНГ (АА) - Во источниот дел на Кина, во провинцијата Џеѓанг, се откриени фосили на јајца од диносаурус стари 80 милиони години, јавува Anadolu Agency (AA).
Во веста објавена во весникот „Глобал тајмс“ (Global Times), кој е еден од официјалните медиуми на кинеската Комунистичка партија, се вели дека се откриени фосили на 15 јајца на диносауруси во ископувањата извршени во селото Гуајингтанг, во подрачјето на градот Јиву, во кинеската провинција Џеѓанг.
Додека дел од фосилите на јајцата се пронајдени во група, има фосили на јајца што се откриени самостојно. Со цел да се изврши нивна анализа, фосилите се испратени во музејот во градот Јиву.
Истражувачот Ду Тианминг од Одделот за национална историја на науки за Земјата, при музејот во Џеѓанг, во врска со откритието информираше дека фосилите на јајцата потекнуваат од пред 80 милиони години.
Истражувачот Ду изјави дека ова откритие, покрај тоа што ќе го поттикне истражувањето на локалните подрачја, во исто време ќе придонесе за научни и образовни студии во иднина, истакнувајќи дека едно вакво откритие претставува редок случај.
Изминатите години во близина на селото Гуајингтанг беа откриени траги што им припаѓаат на диносауруси.
Минатиот месец, во северниот дел на Кина, во провинцијата Хибеј, беа откриени фосилни остатоци од диносаурус, од пред 130 милиони години.