наука и технологија

Антивирусен лек за перорална употреба го намалува ризикот од смрт кај ковид-пациентите за 50 отсто

„Merck & Co.“ објави дека ќе поднесе барање до американската Агенција за храна и лекови (FDA) за овластување за итна употреба, што е можно поскоро, како и барања за маркетинг до други регулаторни тела низ светот

Övünç Kutlu  | 01.10.2021 - Обновена : 03.10.2021
Антивирусен лек за перорална употреба го намалува ризикот од смрт кај ковид-пациентите за 50 отсто

АНКАРА (АА) - Фармацевтската компанија „Merck & Co.“ и биотехнолошката компанија „Ridgeback Biotherapeutics“ денеска објавија дека антивирусен лек за перорална употреба го намалува ризикот од хоспитализација и смрт за околу 50 отсто кај пациентите заразени со Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).

Компаниите објавија дека нивните испитувања во Фаза 3, во кои биле вклучени 775 пациенти, имале „убедливи резултати“.

Тие објавија дека 7,3 отсто од пациентите кои го примиле нивниот лек по име молнупиравир, биле хоспитализирани во рок од 29 дена, во споредба со 14,1 отсто од пациентите третирани со плацебо. Меѓу пациентите кои го примиле лекот молнуппиравир немало пријавено смртен случај се до 29. ден, за разлика од пациентите кои примиле плацебо, меѓу кои биле констатирани осум смртни случаи.

„Итно се потребни повеќе средства и третмани за борба против пандемијата на Ковид-19 која стана водечка причина за смрт и продолжува длабоко да влијае на пациентите, семејствата и општествата, и ги исцрпува здравствените системи низ светот“, се вели во заедничката изјава на двете компании.

„Merck & Co.“ објави дека ќе поднесе барање до американската Агенција за храна и лекови (FDA) за овластување за итна употреба (EUA), што е можно поскоро, врз основа на нејзините наоди, и исто така планира да поднeсе барања за маркетинг до други регулаторни тела низ светот.

Доколку се одобри, компанијата „Merck & Co.“ планира да произведе 10 милиони од антивирусниот лек до крајот на 2021 година и повеќе дози во 2022.

Во јуни, „Merck & Co.“ склучи договор со американската Влада да обезбеди 1,7 милиони од молнупиравир по издавање на овластување за итна употреба или одобрување од ФДА.

Пандемијата однесе повеќе од 4,7 милиони животи во најмалку 192 земји и региони од декември 2019 година, со пријавени речиси 233,8 милиони случаи, според најновите податоци на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“. Дозите на дадени вакцини изнесуваат над 6,24 милијарди.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.