наука и технологија

„Карциномот наскоро ќе биде болест која ќе може да се контролира“

„Благодарение на новите технологии, сега разбираме подобро како се размножуваат канцерогените клетки, како се шират на другите делови од телото и како лековите дејствуваат на тие клетки“

Ahmet Gürhan Kartal  | 03.04.2019 - Обновена : 04.04.2019
„Карциномот наскоро ќе биде болест која ќе може да се контролира“

ЛОНДОН (АА) - Карциномот наскоро ќе биде болест која нема да мора да влијае на квалитетот на животот или на животниот век, како што е случај со хроничните срцеви заболувања, јавува Anadolu Agency (AA).

Џигдем Сели, вонредна професорка на Фармацевтскиот факултет на Универзитетот „Еге“, изјави дека штом причините за тоа зошто ефектите на лековите варираат од лице на лице бидат подобро разбрани, карциномот ќе може да се контролира многу години, откако ќе биде пронајден најдобриот и најсоодветниот лек за секој пациент.

Зборувајќи за АА, Сели изјави дека благодарение на научните истражувања, животниот век на пациентите болни од карцином е продолжен.

Сели, која спроведува истражување на карциномот на градите и простатата на Универзитетот во Единбург од 2015 година, изјави дека разбирањето за тоа како функционираат канцерогените клетки е многу подобро.

„Благодарение на новите технологии, сега разбираме подобро како се размножуваат канцерогените клетки, како се шират на другите делови од телото и како лековите дејствуваат на тие клетки“, изјави таа.

Таа појасни дека моментално употребуваните лекови за карцином со години се ефикасни на одредени пациенти и ги спречуваат рецидивите, но дека кај некои пациенти губат ефект и болеста може да се врати.

Сели истакна дека во моментот, преку генетски анализи на примероци од ткива кај пациенти со карцином на дојка, истражуваат за тоа како се јавува оваа разлика.

„Откако ќе се согледа зошто ефектите на лековите се разликуваат кај пациентите, ќе можеме да ја држиме болеста под контрола многу години, со тоа што ќе го одбереме најсоодветниот лек за секој пациент“, рече таа.

Во врска со истражувањето и третманот на карциномот во Турција, Сели рече дека бројот на истражувачи во земјата кои работат посветено и придонесуваат за борбата против карциномот, се зголемува.

Таа рече дека пристапот до третман на карциномот или до други здравствени услуги во Турција е на конкурентно ниво со другите европски земји.

Истакнувајќи дека автентичните и големите иновации кои даваат насоки во истражувањето и третманот на карциномот се постигнати во развиените земји каде што има „емигрирање на обучени и квалификувани луѓе“, како што е примерот со Обединетото Кралство. Сели рече дека поголем буџет за истражување ќе им помогне на научниците во Турција.

„Со цел да се натпреварува со тие земји во истражувањето на карциномот, образовниот систем на нашата земја може да се ажурира на начин да се поддржи автентичната и креативната работа, а буџетот за научниците може да се зголеми“, рече таа.

Според Светската здравствена организација (СЗО), карциномот е втората водечка причина за смрт на глобално ниво, одговорен за околу 9,6 милиони смртни случаи во 2018 година. Приближно еден од шест смртни случаи во светот е последица на карциномот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın