Zylfije Adem Jakupi
04 Март 2020•Ажурирај: 05 Март 2020
ПРИШТИНА (АА) - Косовските граѓани треба да знаат што се случило во војната и да веруваат дека вистината е пат кон помирување и потег кон иднината, стои во резултатите од истражувањето „Мерење на јавната перцепција и дијалогот за идната Комисија за вистината и помирувањето во Косово“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На јавната дебата на која е претставено ова истражување учествуваат претседателот на Косово, Хашим Тачи, голем број амбасадори акредитирани на Косово, Наташа Кандиќ од Фондот за хуманитарно право и претставниците на цивилното општество.
Тачи потсети дека една од неговите први иницијативи како претседател е токму иницијативата за формирање Комисија за вистината и помирувањето на Косово, на која сите треба да работат заедно, без етнички разлики. Тој истакна дека ова истражување покажало дека граѓаните треба да знаат што се случило во војната, иако поминале повеќе од две децении од крајот на војната во Косово.
Косовскиот претседател исто така рече дека, паралелно со работата за формирање на Комисијата за вистината и помирувањето на Косово, се работи и на постигнување траен мировен договор меѓу Косово и Србија, што ќе донесе реципрочно признавање меѓу двете држави.
„Средбата во Вашингтон пред два дена меѓу претседателите на Косово и Србија, верувам, е критична и позитивна точка на пресврт, предводена од САД на чело со претседателот Трамп, со динамика и амбиција на амбасадорот Гренел за скорашно постигнување на договор. Средбата во Вашингтон е охрабрувачка за обете страни“, рече Тачи.
Претседателот рече дека и Косово и Србија треба да го искористат овој момент и оваа можност и дека двете земји треба да му веруваат на американското раководство за да постигнат конечен договор со него. Тачи рече дека по постигнувањето на договор треба веднаш да се формира Комисија за вистината и помирувањето.
Американскиот амбасадор Филип Коснет изјави дека другите земји што излегоа од војната ќе имаат корист од Комисијата за вистината и помирувањето и рече дека работата на таквата комисија е голема и одговорна и дека мора да биде без политичка агенда. Тој нагласи дека мора да се слушнат признанија на луѓе од сите заедници за да се открие вистината.
Катхељине Шенкел, коавторката на спроведеното истражување, изјави дека мнозинството анкетирани граѓани сметаат дека е потребно помирување меѓу Албанците и Србите и меѓу владите на Косово и Србија. Таа рече дека само 14 отсто од испитаниците слушнале за иницијативата за формирање на Комисијата за вистината и помирувањето, но дека повеќето рекле дека ја поддржуваат иницијативата и сметаат дека е неопходно да се дознае вистината. „Граѓаните“, додаде таа, „ја истакнаа потребата да се расветли судбината на исчезнатите, но да се дознае вистината за силуваните жени во војната.“
„Пред сè од фокус-групите, откривме дека, иако луѓето изразуваат потреба за вистина и желба за помирување, сепак им е многу тешко да имаат доверба во институциите и политичките лидери. Затоа повеќето од нив рекоа дека помирувањето може да се постигне индивидуално, но на високо ниво е многу голем предизвик“, рече Шенкел.
Наташа Кандиќ од Фондот за хуманитарно право во Белград рече дека ѝ е жал што ова истражување не успеа да ги пренесе перцепциите на јавноста кои се променија многу малку во последните 20 години.
Како што наведе, во Србија, најголемиот дел на јавноста сè уште верува дека „сите припадници на Ослободителната војска на Косово се терористи и дека треба да им се суди на сите", додека перцепцијата во косовско-албанската јавност е дека припадниците на српската армија и полицијата и локалните Срби се одговорни за злосторства против Албанците, што е видливо и преку тековната парница.
Кандиќ исто така рече дека ова истражување не започнало од нешто важно, како што се судењата во Хашкиот трибунал во кои се утврдени важни факти и изнесени докази кои не се оспорени.
Истражувањето на терен го спроведоа 20 истражувачи на повеќе од 1.000 случајно избрани испитаници од двата пола од сите заедници кои живеат на Косово.