Tevfik Durul
18 Октомври 2017•Ажурирај: 19 Октомври 2017
СЕУЛ (АА) - Во Јужна Кореја со свечена церемонија одбележана е 67. годишнината од учеството на бригада на турските сили, кои делуваа во рамките на Обединетите нации (ОН), во Корејската војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Церемонијата е одржана пред споменикот во градот Јонг-ин, во близина на Сеул, подигнат во чест на загинатите турски војници во Корејската војна.
На церемонијата присуствуваше и Арслан Хакан Окчал, амбасадор на Република Турција во Сеул, највисоки воени претставници, претставници на странски воени мисии и воените ветерани.

По положувањето цвеќе на споменикот на паднатите турски војници, амбасадорот Окчал пред присутните рече дека паднатите борци се симбол на силното пријателство меѓу Турција и Јужна Кореја.
Тој додаде дека благодарение на пожртвуваноста на турските војници изградени се, како што рече, братски односи меѓу народите на двете држави.
Чи Кап-јонг, претседател на Здружението на сојузниците во Корејската војна, рече дека за народот на неговата земја турските војници не се мртви и сè уште претставуваат заштитници на Корејскиот Полуостров.
„Народот на Јужна Кореја никогаш нема да ја заборави пожртвуваноста на Турците", рече Чи и додаде дека народот на негоата земја секогаш ќе им биде благодарен на Турција и на нејзиниот народ.
Церемонијата е завршена со фотографирање за спомен и со свечен ручек.
Корејската војна е назив за оружениот судир кој го водеа Северна Кореја и Јужна Кореја помеѓу 1950 и 1953 година. На страната на Јужна Кореја се бореа силите на Обединетите нации (ОН) во рамките на кои делуваа единици на неколку земји, додека Северна Кореја со опрема ја помагаше тогашниот Советски Сојуз, а Кина испрати доброволци по инвазијата на силите на ОН.
Корејската војна е класифицирана како граѓанска војна, која заврши на 27 јули 1953 година со примирје меѓу Северна и Јужна Кореја, со што е вратена границата на 38. паралела, односно на местото на коешто беше пред почетокот на војната.