Mehmet Tosun
22 Декември 2016•Ажурирај: 22 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим изјави дека тероризмот и неговите злосторства против човештвото се најголемиот проблем со кој денес се соочува светот, и порача дека борбата против тоа зло претставува борба за опстанок, јавува Anadolu Agency (AA).
Денес во Анкара се одржува 114. Состанок на регионалните членки на владејачката турска Партија за правда и развој (АК Партија), а на присутните им се обрати претседателот на партијата и премиер на Турција, Јилдирим, кој истакна дека таа политика од настанувањето до денес ја слушала и волјата на народот и дека токму тоа е клучот на нејзиниот успех.
„Во продолжение на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, вчера 14 наши војници загинаа како херои во Ал Баб, во кој подлите терористи извршија самоубиствен напад на нашите вооружени сили“, изјави Јилдирим и упати порака на сочувство до семејствата на загинатите војници, но и до целиот турски народ.
Јилдирим порача дека борбата што ја води Турција против тероризмот е голема војна за зачувување на единството, интегритетот и братството во таа земја, и додаде дека Турција нема да дозволи тероризмот да ја покори.
„Тероризмот и насилството никогаш не ќе можат да ја загрозат Турција и нашиот прогрес по патот на демократијата, правдата, владеењето на правото. Во борбата против терористите ќе останеме единствени и обединети до крај“, изјави Јидлирим.
Премиерот Јилдирим потсети на неодамнешните терористички напади во Истанбул, Кајсери, Берлин и атентатот на рускиот амбасадор во Анкара, и рече дека на сите им е јасно оти тероризмот станал закана за глобалниот мир и стабилност.
„Сите тие напади покажуваат дека ниту една земја на светот нема привилегија да каже дека е безбедна од терористите. Тероризмот е проблем на целиот свет. Затоа е погрешно терористичките напади во Турција да се третираат само како проблеми на Турција. За жал, сфаќањата дека туѓите терористи се помалку опасни не придонесуваат во борбата против тој проблем, туку тоа оди во прилог на терористите“, порача Јилдирим.
Тој исто така изјави дека досега од војната во Алепо на безбедно тло се евакуирани околу 40.000 цивили, и додаде дека резултатот што е остварен со одлучната дипломатија и со напорите на Турција, не бил лесна задача со оглед на тоа што постојат многу фактори што од почетокот не сакаат да се заврши војната во Сирија.
„Ние како Турција од почетокот се ставивме на располагање на сите загрозени лица и им подадовме рака на спас и пријателство. Сите гледаат колку сторивме и колку правиме за сирискиот народ. Нам не ни е потребно ничие восхитување ниту пофалба, бидејќи тоа го правиме поради нашите верски и човекови должности“, порача Јилдирим.
Челникот на АК Партијата и премиер на Турција, Јилдирим изјави дека таа политичка опција има мисија врз основа на претходни искуства и знаења да ја направи Турција просперитетна земја, која со крупни чекори ќе ја гради својата економија, демократијата, правото, образованието, инфраструктурата, здравството и сите други сектори.
„Турција веќе не е земја на темни сили и не е држава што може да се покори со замки и заговори. Оваа република повеќе не е полигон што силите на злото можат да го делат и да го распарчуваат како сакаат. Нашиот брз прогрес никој не може да го спречи сѐ додека сме вака единствени и додека олку силно нашите срца бијат во градите за оваа татковина. Тргнавме по овој пат поради државата и народот, а не поради лични интереси“, изјави Јилдирим.
Јилдирим се осврна и на критиките на некои опозициски кругови коишто тврдат дека АК Партијата сака со уставни реформи да воведе режим во Турција, и дека режимот во Турција е победен уште во 1923 година, кога е формирана Република Турција. Исто така, додаде дека актуелните дискусии и процеси на подготовки за уставни реформи се спроведуваат со цел да се воспостави ефикасна влада и власт што ефикасно ќе одговара на потребите на државата и на народот.