Emre Aytekin
16 Февруари 2019•Ажурирај: 17 Февруари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека јапонскиот премиер Шинзо Абе, поради неговата улога во покренувањето дипломатски дијалог со Северна Кореја, го предложил како кандидат за Нобеловата награда за мир, пренесува Anadolu Agency (AA).
Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа, на прашањето во врска со втората средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Виетнам, изјави дека јапонскиот премиер Абе го предложил како кандидат за Нобеловата награда за мир.
Тој истакна дека Абе му упатил копија од писмото кое претходно го пратил на норвешкиот Нобелов комитет, со кое напишал и порака: „Во име на Јапонија Ве предлагам како кандидат. Мојот предлог е Вам да Ви ја врачат Нобеловата награда за мир.“
Потсетувајќи дека Нобеловата награда за мир во 2009 година ја доби поранешниот американски претседател и негов претходник, Барак Обама, Трамп изјави:
„Јас веројатно никогаш нема да ја добијам, но нема врска. Ја дадоа на Обама, мислам дека ни тој самиот не сфати зошто му ја дале. Ја доби дури 15 секунди откако стана претседател. И самиот тогаш рече: ’Со што го заслужив ова?‘ Јас мислам дека никогаш нема да ја добијам.“
Од друга страна, јапонските официјални претставници не ја потврдија информацијата дека Абе го предложил Трамп за споменатата награда. Министерството за надворешни работи на земјата соопшти дека добиле информации за изјавата на Трамп, но дека не можат да ги потврдат деталите околу дијалогот на Трамп и Абе.
Самит, на кој ќе се состанат американскиот претседател и севернокорејскиот лидер е планиран за крајот на февруари. Тие двајца првпат се состанаа на 12 јуни 2018 година во Сингапур, кога постигнаа договор за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.