Hakan Çopur
12 Јануари 2018•Ажурирај: 13 Јануари 2018
ВАШИНГТОН (AA) - Министерот за надворешни работи на Република Турција Мевлут Чавушоглу, коментирајќи го упатството на САД во кое се предупредуваат Американците за наводни терористички закани во Турција, рече дека Турција е далеку побезбедна земја од САД, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција не е помалку безбедна земја од САД. Всушност, Турција е далеку побезбедна земја од САД", рече Чавушоглу за време на престојувањето во Лос Анџелес каде го посети споменикот подигнат во чест на убиените турски дипломати.
Истакна и дека предупредувањето на САД, кое се однесува на патувањето во Турција е „беспотребно".
Додаде дека Турција и САД не би требале да губат време на такви прашања, што, како што рече, не им доликува на сојузниците.
Потсетуваме, Министерството за надворешни работи на Република Турција денеска поради тероризам, насилство и произволни апсења ги предупреди граѓаните кои патуваат во Соединетите Американски Држави (САД).
Во соопштението од турското МНР е наведено дека во САД во последен период е забележан пораст кога станува збор за терористички напади и случаи на насилство.
Турција издаде предупредување на своите граѓани за патување во САД како одговор за новото американско упатство за патување во кое се предупредуваат Американците околу терористички закани и арбитрарно притворање во Турција.