Ekipa
23 Ноември 2017•Ажурирај: 24 Ноември 2017
РИМ (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека некои сојузници од НАТО во последно време се истрајни во одбивањето на Турција да ѝ го дадат потребното оружје за одбрана и дека во таква ситуација Турција е принудена тие потреби да ги задоволи од други извори, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на официјалната посета на Италија, шефот на турската дипломатија во Рим се состана со својот колега Анџелино Алфано и присуствуваше на 10. јубилеен Турско-италијански форум.
По завршувањето на средбите, Чавушоглу во обраќање за новинарите го коментираше и договорот кој го потпиша Турција со Русија за купувањето на антиракетниот систем S-400.
Тој рече дека Турција им дава приоритет на сојузниците од НАТО кога станува збор за подмирување на одбранбените потреби.
„Во последно време, некои сојузници од НАТО покажуваат силен отпор со цел да не ѝ даваат на Турција оружје и системи потребни за одбрана. Морам да го штитам својот воздушен простор. Од сојузниците не можам да ги добијам потребните системи и принуден сум тоа да го набавам од други места. Тоа итно ми треба“, порача Чавушоглу.
Тој, исто така, рече дека Турција не е прва која од Русија набавува антиракетни системи и потсети дека Грција има руски системи S-300.
Укажувајќи на вчера одржаниот важен самит меѓу лидерите на Турција, Русија и Иран во Сочи, Чавушоглу изјави дека трите земји ќе продолжат да работат заеднички на решавањето на сириската криза, и тоа врз основа на зачувување на територијалниот интегритет на таа земја.
Тој порача дека главниот збор во политичкиот процес во Сирија ќе го има народот на таа земја, и дека Турција ќе продолжи со дијалогот со сите партнери, вклучувајќи ја и Европскатра Унија која ќе има важна улога во идниот процес на обнова и економско опоравување на од разорената Сирија.
Осврнувајќи се на неодамнешниот скандал на воената вежба на НАТО во Норвешка, Чавушоглу изјави дека Турција е еден од основачите и една од најактивните членки на тој сојуз и дека тоа и понатаму ќе биде.
Чавушоглу ги коментираше и односите на Турција со Европската Унија и рече дека Турција нема никакви проблеми со членките, но дека антитурското расположение во некои делови на Европа не е во согласност со темелните европски вредности.
„Сите мора да сфатат дека имаме право да водиме мултилатерална надворешна политика“, рече Чавушоглу, додавајќи дека Турција никого не испитува и дека никој нема право да ја испитува и да ѝ одредува на Турција каде ќе оди и каде ќе ги развива односите.
Тој наведе дека проблемот е тоа што некои земји се сметаат за шефови на Европа кои имаат ексклузивно право да прават што сакаат.
„Колегата Алфано убаво кажа дека мора да соработуваме со Западен Балкан. Меѓутоа, иако има добри односи со нашиот претседател Ердоган, францускиот претседател Емануел Макрон вели дека тој регион ќе се зближи со Турција ако Европјаните не одат таму. Зарем Турција е негов непријател? Кандидатот за канцелар на Австрија е нашиот млад пријател кој го сонува сонот за формирање Австро-унгарска империја. Нека му е со среќа ако може да го направи тоа, но со кое поимање вели дека Турција е негов конкурент на Балканот. Така не размислувам, бидејќи за стабилноста на Балканот ние мораме сите да соработуваме“, изјави Чавушоглу.
Истакнувајќи дека проблемите и несогласувањата помеѓу Турција и ЕУ се можни, Чавушоглу рече дека тие односи ќе имаат нормален тек кога Турција ќе биде третирана како рамноправна страна на масата.