Yusuf Hatip
11 Јули 2018•Ажурирај: 12 Јули 2018
БРИСЕЛ (АА) - „Потребно е Македонија, БиХ и Грузија, што е можно побргу да бидат вклучени во Алијансата“, рече Чавушоглу, истакнувајќи дека таа е една од приоритетните теми на Турција, и додаде дека тоа ќе го постават на дневен ред на Самитот, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот министер за надворешни работи, Чавушоглу, имаше свое обраќање во Брисел на Панелот организиран од страна на Атланскиот совет и неколку тинк-тенк организации под наслов: „Измена на глобалниот ред и Алијансата под притисок“.
Чавушоглу рече дека во времето на формирањето на НАТО, постоеле два блока и се знаело од каде можела да дојде опасноста.
„Сега забележуваме напади од некои држави и региони. Покрај овие слични напади, гледаме и хибридна војна. Хибридните напади не се насочени само кон нашите сојузници, во исто време за цел ја имаат и нашата економија“, изјави Чавушоглу.
Посочувајќи дека тероризмот претставува основна закана на денешницата, Чавушоглу рече: „Иако оваа закана доаѓа од различни подрачја во светот, сите ние сме цел во ист момент“.
Чавушоглу, односите меѓу НАТО и ЕУ и борбата против тероризмот ги подвлече како многу значајни теми. „Затоа, НАТО во иднина треба да се приспособи“, рече Чавушоглу.
Истакнувајќи дека секој вид тероризам претставува закана, Чавушоглу го рече следното:
„Против сите овие потешкотии, денеска, од кога било претходно, имаме поголема потреба од единство. Постои уште еден проблем меѓу европските општества и останатите, а тоа е нетолеранцијата и омразата кон другите. Тука можеме да ги наброиме исламофобијата, христијанофобијата, антисемитизмот, непријателство кон мигрантите и расизмот.“
За овој негативен тренд, кој негативно влијае врз стабилноста на голем број европски земји, Чавушоглу рече дека ги потресол и владите кои биле избрани по демократски пат.
- „Некои членки на НАТО ги поддржуваат терористичките организации“
Посочувајќи дека терористичките организации претставуваат главна закана насочена кон НАТО-сојузништвото, Чавушоглу истакна дека сега, од кога било претходно, најважно е единството и солидарноста меѓу сојузниците.
„Неколку членки на НАТО поддржуваат или одат рака под рака со некои терористички организации“, рече Чавушоглу, и додаде дека е потребно да се испита како терористичката организација ПЈД/ЈПГ влегла во Мунбич и како оваа организација под своја контрола држи 25% од територијата на Сирија.
Освен тоа, Чавушоглу предупреди: „Потребно е да го избегнуваме двојниот аршин за сите овие чувствителни прашања и за борбата со тероризмот.“
- „Потребно е да преземеме мерки за заштита на воздушниот простор“
Во врска со тврдењата дека Турција се оддалечува од Западниот блок, Чавушоглу рече: „Не, Турција не се придвижува во друга насока. Турција е сојузник на НАТО. Турција е дел од Европа и членка на голем број европски институции. Турција 60 години се обидува да стане членка на ЕУ.“
Потсетувајќи на критиките упатени до Турција во врска со купувањето на рускиот одбранбен ракетен систем „С-400“, Чавушоглу ја даде следната констатација: „Турција е принудена да ја урамнотежи својата надворешна политика со Украина и со другите држави кои се наоѓаат на нашите географски простори. Ние не сме принудени да правиме избор. Добрите односи со одредено подрачје или земја, за нас не претставуваат алтернатива.“
Истакнувајќи дека Турција има итна потреба од воздушна одбрана, Чавушоглу го рече следното: „Не се одвоивме од сојузништвото во НАТО. Русија дојде кај нас со најдобар предлог. Затоа купуваме од Русија.“
Околу загриженоста на Западот: „Системот „С-400“, НАТО и НАТО-системите ги детектира како непријатели“, Чавушоглу посочи: „Грција го има системот „С-300“ и тој не ги детектира НАТО-сојузниците како непријатели. Да, ние сме членка на НАТО, но потребно е да преземеме превентивни мерки за нашиот воздушен простор.“
„НАТО обезбедува само 30% од воздушниот простор на Турција. Во ситуација на напад од страна на режимот на Асад или од некоја друга земја, кој ќе го заштити мојот народ, мојата нација?“, запраша Чавушоглу. Тој рече дека ова е итно прашање за Турција и додаде дека купувањето на системите „С-400“ претставува техничко, а не политичко прашање.