Fatma Bülbül
12 Мај 2017•Ажурирај: 13 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи изјави дека посетата на турскиот претседател во Сомалија, во 2011 година, ја гледа како значаен момент за Сомалија и како историска порака за неговиот народ и за светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Мевлут Чавушоглу ги наведе овие свои забелешки во статија под наслов „Претприемничка и хуманитарна политика за Сомалија“, во рамките на тридневната конференција за Сомалија во Лондон, на која ќе се дискутира за иднината на источната африканска држава до 2020 година.
„Во време кога сомалискиот народ ја загуби речиси секоја надеж за својата иднина, претседателот ги увери оти Турција верува во иднината на Сомалија и дека Сомалијците нема да бидат сами. Токму кога ниеден светски лидер две децении не се осмели да го посети Могадишу и ниедна земја не се ангажираше за да помогне, претседателот Ердоган го стори тоа“, изјави Чавушоглу.
Тој укажа на помошта на Турција за изградба на автопатиштата, болниците, аеродромите, пристаништата, како и на болницата која беше именувана „Реџеп Таип Ердоган“.
„Турција ја прифати цела Сомалија и сите Сомалијци, и тоа го стори искрено“, изјави тој. Турскиот министер за надворешни работи исто така изрази увереност дека регуларната сомалиска армија може да се избори со терористичката организација Ал-Шабаб.
„Турција во септември оваа година потполно ќе го операционализира центарот за воена обука 'Анадолија'. Се надеваме дека полицајците и војниците ќе бидат обучени во овoј центар и во другите, и ќе ги зајакнат мускулите на сомалиската влада, за да може да го победи Ал-Шабаб“, изјави Чавушоглу.
Тој исто така се осврна и на тековната суша во регионот.
„Гледајќи на предвидливата и посветена долгорочна поддршка на меѓународната заедница, ние не смееме да ја заборавиме потребата на над 6 милиони Сомалијци за итна помош во храна“, додаде тој.
Шефот на турската дипломатија рече дека Турција под водство на Ердоган во март започна хуманитарна кампања за источна Африка, која е погодена од суша.
„Турската црвена полумесечина се мобилизира за да даде значајна помош во храна пред почетокот на месецот Рамазан. Сушата не ја погоди само Сомалија, и меѓународната заедница мора да дејствува брзо за да се даде итна помош за сите нации во источна Африка“, смета Чавушоглу.
Тој исто така истакна дека им е благодарен на Велика Британија и на ОН што ги послушале повеќегодишните повици од Турција да се помогне во нормализирањето на состојбата во Сомалија. Покрај тоа, нагласи и дека Турција својот придонес во полето на економијата веќе го дала вложувајќи над 600 милиони долари во развојни проекти.
На конференцијата за Сомалија во Лондон, која се одржува од 9 до 11 мај, Турција е претставувана од страна на премиерот Бинали Јилдирим.
Според процената на Меѓународниот фонд за деца на ОН (УНИЦЕФ), бројот на потхранети деца во Сомалија во 2017 година достигна 1,4 милиони, што е пораст за 50 отсто во однос на крајот на 2016 година.