Ekipa
23 Август 2017•Ажурирај: 24 Август 2017
БАГДАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека се многу јасни очекувањата од Ербил кога станува збор за референдумот што Курдската регионална управа во северен Ирак планира да го одржи на 25. септември, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу во Багдад изјави дека на состанокот со ирачкиот колега Ибрахим ал Џафари разговарал за прашањата кои се однесуваат на заедничките интереси.
Тој изјави дека уште еднаш го изразиле задоволството на Турција, особено кога станува збор за ослободувањето на Мосул од терористичката организација ДЕАШ и започнувањето на акциите против споменатата организација во Тал Афар.
Според неговите зборови, Турција ќе продолжи да го поддржува Ирак кога станува збор за колку што е можно побрзо ослободување и на другите подрачја од ДЕАШ.
Чавушоглу изјави дека Турција ќе продолжи да дава поддршка и за повторната изградба на Ирак и неговите градови по ослободувањето од ДЕАШ.
Турскиот министер укажа на заедничката волја во борбата против секој облик на тероризам.
„Како и ДЕАШ, и ПКК е закана против ирачката гранична целовитост, територијална целовитост, мирот и единството. Заедно ќе дејствуваме за да го исчистиме Ирак од ПКК и на ирачките сили ќе им дадеме секаков вид на поддршка. Сакаме да ги развиеме односите со Ирак на сите полиња“, изјави Чавушоглу.
Тој додаде е потребно да се продолжат двостраните посети и користењето на постоечките механизми за да се зголеми обемот на билатералната трговија и да се зајакне економската соработка.
„Делиме исто подрачје, иста судбина, и на тоа сфаќање дополнително ќе ги зајакнеме нашите односи“, изјави Чавушоглу.
Запрашан за очекувањата на Турција од Ербил, турскиот шеф на дипломатијата изјави дека тие се едноставни и јасни. „Нашите очекувања од Ербил се крајно едноставни и јасни.Тоа е откажување од одлуката за референдумот“, изјави Чавушоглу и нагласи дека се многу важни стабилноста, единството и заедништвото на регионот.
Според неговите зборови, интересот и иднината на курдските браќа се во единството и заедништвото во Ирак.
„Уште еднаш, денес ќе им го изнесеме своето размислување“, изјави Чавушоглу.