?kipa
05 Септември 2018•Ажурирај: 06 Септември 2018
ИДЛИБ (АА) - БУРАК КАРАЏАОГЛУ/ЕШРЕФ МУСА –
Жителите на подрачјето на сириски Идлиб стравуваат за својата судбина и бараат Турција, како доверлив сосед, да ги преземе потребните чекори за да се воспостави тампон-зона, пишува Anadolu Agency (AA).
Цивилите во најголемата енклава на сириската опозиција Идлиб, стравуваат дека би можеле да се најдат на мета на напади на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Во разговор со новинарот на АА, граѓаните на Идлиб истакнаа дека имаат голема доверба во Турција и дека оваа пријателска земја може да воспостави безбедност во овој северозападен сириски град.
Амар Ситејф од Идлиб истакна дека во Идлиб живеат и голем број бегалци од другите делови на Сирија и предупреди дека сите цивили би биле принудени да бегаат кон Турција, доколку режимските сили на Асад започнат да го бомбардираат градот.
„Во овие пресудни моменти, сите вчера ги видоа руските воздушни напади во Џеср ес-Шугур. Сакаме контрола во регионот да преземе Турција. Турција треба да се прашува во воена смисла и да воспостави тампон-зона“, изјави Ситејф.
Идлиб во рамките на мировните преговори во Астана е прогласен за зона без судири. Турските вооружени сили по договорот со Русија и Иран воспоставија контролни пунктови за надзор на почитувањето на прекинот на огнот.
„Во Идлиб и околината постојат само 12 турски пункта. Турција треба барем да го удвои тој број. Местата во кои постојат пунктови на турските сили, никогаш немаат ни копнени, ни артирелиски, ниту воздушни напади“, изјави Ахмед Зерзур, жител на Идлиб.
Тој изјави дека во Идлиб живеат околу 4 милиони цивили и додаде дека тие луѓе не сакаат да прават никакви компромиси, ниту договори со режимот на Асад.
„Доколку заземе дел од Идлиб, режимот на Асад би можел тој регион да го преддаде на ЈПГ/ПКК, а потоа да ги нападне и Африн и Џарабулус кои турските сили ги ослободија од тие терористи. Режимот на крајот би можел сите тие територии да ги даде на терористите на ПКК, што би претставувало закана за националната безбедност на Турција“, изјави Зерзур.
Халит Мери од Дамаск побегнал во Идлиб, а за АА изјави дека стравува оти нападот на режимските сили би можел да доведе до нови трагедии и хуманитарна катастрофа во Идлиб.
„Ја молиме соседна Турција да ги преземе потребните мерки и да ја спречи новата катастрофа во Идлиб“, порача Мери.
Бегалецот од Хама, Ридван Хумси, истакна дека режимските или руските операции во Идлиб би предизвикале нов голем бран бегалци кон Европа.
„Ние ѝ веруваме на Турција и полагаме надеж во неа бидејќи од почетокот имаше чесен однос и став кон народните бунтови и револуции во Сирија“, изјави Хумси.