Besar Ademi
09 Март 2017•Ажурирај: 10 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Специјалниот претставник за Источна Европа, Турција и за земјите од ЕФТА (Европската асоцијација за слободна трговија) на германското Министерство за надворешни работи, амбасадорот Кристијан Хелбах, кој е во официјална посета на Македонија, изјави: „Ние сме убедени дека претседателот ќе ги почитува резултатите од последните избори и ќе му овозможи на мнозинството во парламентот што е можно поскоро да формира влада”, јавува Anadolu Agency (AA).
Хелбах истакна дека целта на неговата посета на Македонија е да се покаже дека германската влада е заинтересирана за иднината на оваа земја, како и за политичката криза што ја зафати земјата веќе подолг период. Како што нагласи тој, Германија ја потврдува својата посветеност во поддршката на Македонија на патот кон НАТО и ЕУ.
„За Република Македонија да пристапи кон Европската Унија и НАТО, веруваме дека клучот е што поскоро формирање влада врз основа на резултатите од последните избори. Приоритет на оваа влада треба да бидат итните реформи како што се наведени, меѓу другото, во извештајот на Прибе”, рече Хелбах.
Тој апелираше до лидерите на сите политички партии да се воздржат од предизвикување раздор, од прашањата кои ги оставаат зад реформските приоритети за кои, според него, земјата има потреба и ги очекува.
„Убеден сум дека претседателот ќе треба мудро да ги почитува резултатите од последните избори и да му овозможи на мнозинството во парламентот што е можно поскоро да формира влада. По долгата политичка криза, Парламентот треба да биде во можност да почне да си ја работи својата работа, тоа што луѓето го очекуваат за оваа земја”, рече Хелбах.
Тој потоа истакна дека продолжувањето на работата на Специјалното јавно обвинителство со независна и доверлива судска поддршка игра многу важна улога.
„Ги повикуваме сите страни да се однесуваат одговорно, со цел да се избегнат можните тензии. Загрижени сме од негативната реторика кон организациите на граѓанското општество и меѓународната заедница. Апелираме до сите страни да се воздржат од таков говор”, порача Хелбах.
На прашањето дали смета дека платформата на албанските политички субјекти не е во ред и дали таа е пречка за формирање на новата влада, амбасадорот Хелбах кратко одговори „не”.
Амбасадорот Хелбах од вчера престојува во Македонија. Неговата изјава доаѓа по средбите со претседателот Ѓорге Иванов, лидерите на политичките партии застапени во Собранието, и со министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски.