Barış Gündoğan
14 Јуни 2018•Ажурирај: 16 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - БАРИШ ГУНДОГАН -
Граѓаните на Турција на 24 јуни ќе излезат на гласање, на кое ќе бираат претседател на државата и претставници на турскиот Парламент. Додека се ближат изборите, на градските улици и плоштади низ цела земја присутна е атмосфера на фестивал на демократијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на 19 април оваа година, најави одржување на предвремени избори, а потоа Врховната изборна комисија ги распиша за 24 јуни, со многу брзо темпо започна предизборната кампања.
Претседателските кандидати и претставниците на политичките партии во различни градови на Турција секој ден организираат митинзи и собири, а на улиците е присутна позитивна атмосфера, со што владее еден своевиден фестивал на демократијата.
Во најфреквентните улици на многу турски градови, почнувајќи од Анкара, Истанбул, Бурса, Чанаккале, Болу и други, се подигнати шатори и штандови на политичките партии, каде што граѓаните можат да добијат брошури и да дознаат повеќе за програмите кои ги нудат партиите. Со оглед на тоа што предизборниот процес се совпадна со месецот Рамазан, кандидатите организираат ифтари, на кои имаат можност да се запознаат и да разговараат со граѓаните.
- Предизборна кампања на социјалните мрежи -
Претставниците на политичките партии во предизборната кампања се особено активни на социјалните мрежи. Кандидатите за претседател, но и кандидатите за пратеници во турскиот Парламент, многу често на профилите на социјалните мрежи ги изнесуваат своите ветувања и планови за тоа што ќе направат ако бидат избрани.
Покрај тоа, кандидатите, исто така, ги користат и придобивките од преносите во живо, обезбедени од социјалните мрежи, па така тие често, од митинзите и другите собири ги пренесуваат обраќањата во живо.
Бројот на граѓани кои ги следат активностите на политичките партии преку социјалните мрежи секој ден е сè поголем, а кандидатите на изборите кои ги користат овие бенефиции имаат можност да испраќаат пораки до милиони луѓе.
Посебниот фестивал на демократијата е присутен во главниот град Анкара, поточно на градскиот плоштад Кизилај, кој по предавничкиот обид на ФЕТО за државен удар на 15 јули, беше преименуван во „15 јули - Плоштад на волјата на народот на Кизилај“. На овој плоштад се наоѓаат штандови и шатори на партиите што учествуваат на изборите.
Така, на плоштадот во Анкара на едната страна се шаторите на партијата ХУДА, Партијата на правдата и развојот (AK Parti) и Партијата за национално движење (MHP), додека на другата страна се Републиканската народна партија (CHP), Саадет партијата и партијата IYI. Претставниците на сите партии слободно ги делат своите брошури на граѓаните и споделуваат информации за партиските програми.
Меѓу претставниците на партиите не е можно да се забележи ни најмала расправа, а сите заедно со песна работат на презентирање на својата партиска програма.
- Речиси 60 милиони регистрирани гласачи -
За претседателските и парламентарните избори на 24 јуни во Турција се регистрирани вкупно 59.291.328 гласачи, од кои 56.342.263 во земјата, и 3.049.065 надвор од границите на Република Турција.
Процесот на гласање за државјаните на Турција во странство ќе се одржи во 60 земји, на вкупно 123 избирачки места. Во некои земји, гласањето веќе започна на 7 јуни.
Во однос на регионот, избирачки места ќе бидат отворени во Скопје, Сараево, Приштина, Белград и Тирана.