АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека Турција очекува затворање на училиштата и установите низ светот, кои се поврзани со терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи за АА, Чавушоглу изјави дека најмалку 30 земји досега ги затвориле училиштата и установите поврзани со ФЕТО.
„Во тековните денови ќе имаме позитивни резултати од Латинска Америка, Африка и од Јужна Азија (во врска со затворањето на установите на ФЕТО)“, изјави Чавушоглу.
Турскиот министер потсети дека Турција вети дека ќе спроведе глобална борба против ФЕТО, по неуспешниот обид за пуч во Турција.
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен стојат зад неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, а беа ранети речиси 2.200.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долгогодишната кампања за рушење на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и правосудството.
„Најмалку 30 земји ги затворија училиштата, установите и здруженијата поврзани со ФЕТО, а турската Фондација „Маариф“ презеде контрола над овие училишта во речиси 20 земји“, додаде тој.
Турција ја воспостави Фондацијата „Маариф“ (TMF) во 2016 година, по обидот за пуч за да го преземе раководството на училиштата во странство поврзани со ФЕТО. Исто така, воспоставува училишта и едукативни центри во странство.
Чавушоглу, исто така изјави дека на Турција ѝ е приоритет да ги врати бегалците на ФЕТО во Турција.
Турскиот министер нагласи дека тие ги предупредиле балканските земји за сериозните закани на терористичката организација.
„Кажавме и гледаме дека ФЕТО е многу моќна во Албанија, и има влијание врз политиката. Исто така и во Косово. Тоа го видовме и во некои случувања. Фондацијата „Маариф“ презеде многу убав универзитет во Албанија, и ако даде Господ ќе изградиме нов кампус. Веќе се отвори новиот кампус на Меѓународниот Балкански Универзитет во Македонија, кој е исклучително добар. Од друга страна, ќе основаме универзитет и во Косово. Се отворија училиштата на „Маариф“. Премиерот ги посети училиштата на „Маариф“ во Косово и истакна дека го цени квалитетот на образованието. Ние ги пренесовме нашите мислења до двете пријателски и братски земји. Исто така, јасно им објаснивме колку таа претставува опасност, закана не само за нас, туку и за тие земји, како и голем ризик за иднината. Ваквите наши напори ќе продолжат не само во блиските региони, туку и во целиот свет“.
- Турција очекува силна Влада во Ирак -
Турскиот министер за надворешни работи, исто така изјави дека Турција се надева оти по следните избори во Ирак ќе биде формирана силна власт.
„Реконструкцијата на Ирак е важна. Ние сме најдарежливата земја. Ние на Ирак му ветивме заем од 5 милијарди долари. Нашите фирми со инвестирањето, трговијата и преземањето проекти ќе имаат бенефит од тие пари“, изјави тој, додавајќи дека Ирак треба да ја продолжи борбата против тероризмот.
„Сега, како НАТО, ќе ги обучиме безбедносните сили на Ирак“, изјави тој, додавајќи дека во мисијата ќе придонесе висок претставник на Армијата.
„Нашата активност ќе го зајакне капацитетот на ирачките безбедносни сили. ДЕАШ е сѐ уште во регионот. Борбата против ПКК е исто така важна“, изјави Чавушоголу.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на речиси 40.000 лица, меѓу кои има и жени и деца.
Министерот за надворешни работи изјави дека соработката на Ирачката централна управа и Курдската регионална влада (KRG) со Турција е важна.
Чавушоглу рече дека Турција сака повторно да ги отвори турските конзулати во Мосул и Басра, како и во Киркук.
- Турско-израелски односи -
Чавушоглу, исто така зборуваше за затегнатите односи меѓу Турција и Израел и изјави дека Израел ќе треба да преземе чекори за нормализирање на односите.
Во декември американскиот претседател Доналд Трамп предизвика реакција во светот откако ги објави плановите за преместување на американската Амбасада во Ерусалим и прогласување на градот како главен град на Израел и вети дека ќе ја премести Амбасадата на Вашингтон во градот.
Преместувањето на Амбасадата се совпаѓа со 70-годишнината од формирањето на Израел во 1948 година - настан што Палестинците го нарекуваат „Накбаќ“ („Катастрофа“).
Во средината на мај, Турција ги отповика амбасадорите во израелскиот град Тел Авив и Вашингтон за консултации.
Ерусалим останува во сржта на израелско-палестинскиот конфликт, а Палестинците се надеваат дека Источен Ерусалим, кој моментално е под окупација на Израел, ќе биде главен град на идната палестинска држава.
„За жал, Израел продолжува со илегалните населби. Одлуката на САД, за жал го охрабри Израел во тој однос“, изјави Чавушоглу.
„Турција ќе продолжи да ја поддржува Палестина по ова прашање“, додаде тој.