Sinan Uslu
23 Мај 2017•Ажурирај: 23 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Портпаролот на кабинетот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, најостро го осуди синоќешниот напад што се случи на музички концерт во англискиот град Манчестер, јавува Anadolu Agency (AA).
Калин упати порака на сочувство до семејствата на настраданите, владата и до народот на Велика Британија.
Слична порака упати и шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.
Министерството за надворешни работи на Турција, исто така, во пишано соопштение истакна дека Турција се солидализира со Велика Британија бидејќи сама ги поминала тие страотни искуства на страдање на луѓето во варварските терористички напади насочени против невини луѓе.
„Ќе продолжиме со заедничката борба против тероризмот, сѐ додека не ги неутрализираме сите корени на тоа зло. Тоа ќе биде наш најдобар одговор за свирепиот напад во Манчестер”, се наведува во соопштението.
Пред крајот на концертот на поп-ѕвездата Аријана Гранде во „Манчестер Арена“, синоќа одекна силна експлозија во која загинаа најмалку 22 лица, а ранети се 51 лице. Британската полиција ја спроведува истрагата за тој случај, а утринава е соопштено дека станува збор за терористички напад што го извршил бомбаш-самоубиец.