свет

Турција напредува во глобалната индустрија за оружје

Во 2017 година најголемите производители на оружје во светот оствариле приход од 398,2 милијарди долари, што претставува раст од 2,5 отсто во однос на претходната година, и раст од 44 отсто од 2002 година наваму

Gamze Türkoğlu Oğuz  | 10.12.2018 - Обновена : 11.12.2018
Турција напредува во глобалната индустрија за оружје

Ankara

АНКАРА (АА) - Турција се наоѓа меѓу земјите коишто во 2017 година напредуваа во областа на глобалната индустрија за оружје, пренесува Anadolu Agency (AA).

Според извештајот што го поднесе Стокхолмскиот интернационален институт за истражување на мирот (SIPRI), турските компании за оружје во 2017 година забележале раст од 24 отсто, а компаниите АСЕЛСАН и турската индустрија за воздухопловство и вселена се најдоа меѓу првите 100 компании во светот.

Питер Веземан, истражувач од програмата за расходи за оружје и војници на SIPRI изјави: „Тоа е значаен скок, кој го отсликува развојот на индустријата за оружје, со цел да се биде помалку зависен од странските снабдувачи и да се даде одговор на зголемената побарувачка на оружје“.

Според извештајот, Турција, заедно со Индија и Бразил во 2017 година забележале раст на ова поле, а бразилската компанија „Ембраер“ („Embraer“) е единствен претставник од Јужна Америка на листата меѓу првите 100 компании во светот.

- Во оваа индустрија, доминираат компаниите од САД -

Во глобалната индустрија за оружје, може да се забележи дека доминираат компаниите од САД, по кои следуваат компаниите од Русија.

Според извештајот, во 2017 година од продажбата на најголемите производители на оружје во светот, остварен е приход од 398,2 милијарди долари, што претставува раст од 2,5 отсто во однос на претходната година, и раст од 44 отсто од 2002 година наваму.

Во 2017 година, 42 компании со седиште во САД се најдоа на листата меѓу првите 100 во светот, остварувајќи продажба во износ од 226,6 милијарди долари или 57 отсто од вкупниот светски приход од оружје. Меѓу првите 10 компании, 5 се од САД, а американската компанија „Локхид Мартин“ (Lockheed Martin) со остварен приход од 44,9 милијарди долари, го задржа лидерското место како најголем производител на оружје во светот. Разликата во приходите меѓу „Локхид Мартин“ и „Боинг“ од 11, во 2017 година се зголеми на 18 милијарди долари.

Русија во 2017 година, по САД е втор најголем производител на оружје во светот, преземајќи ја позицијата од Велика Британија.

Руските компании заземаат 9,5 отсто меѓу првите 100 компании во светот. Десет руски компании со продажбата остварена во 2017 година остварија приход од 37,7 милијарди долари, забележувајќи зголемување од 8,5 отсто.

Во 2017 година, за првпат една руска компанија влезе меѓу првите 10 во светот. Рускиот производител „Алмаз-Антеј“ (Алмаз-Антей) во 2017 година оствари приход од 8,6 милијарди долари, забележувајќи раст од 17 отсто.

Останатите 3 руски компании коишто се наоѓаат меѓу првите 100 во светот забележаа зголемување на својата продажба за повеќе од 15 отсто. „United Engine Corporation“ забележа раст на продажбата за 25 отсто, „High Precision Systems“ за 22 отсто и „Tactical Missiles Corporation“ за 19 отсто.

- Велика Британија, најголем производител на оружје во Европа -

Меѓу првите 100 компании во светот според продажбата на оружје се наоѓаат 24 компании од Западна Европа. Овие компании во 2017 година оствариле приход од 94,9 милијарди долари, што е пораст на продажбата од 3,8 отсто. Во севкупната продажба на оружје, земјите од Западна Европа во 2017 година учествувале со 23,8 отсто.

Велика Британија со остварен приход од 35,7 милијарди долари е најголем европски производител на оружје. Меѓу првите 100 компании од светот во продажба на оружје, 7 се од Велика Британија. Британските компании во 2017 година забележале раст во продажбата од 2,3 отсто во однос на претходната година.

На листата меѓу првите 100 компании се наоѓаат и 4 компании од Индија, кои со остварен приход од 7,5 милијарди долари, учествуваат со 1,9 отсто во вкупниот светски приход од продажба на оружје.

Во извештајот се наведува дека поради неверодостојноста на податоците, на листата не се наоѓаат податоците за приходите од продажбата на оружје од страна на кинеските компании.

Стокхолмскиот интернационален институт за истражување на мирот (SIPRI) е формиран 1966 година и оттогаш подготвува извештаи и анализи на полето на судирите, вооружувањето, контрола на оружјето и разоружувањето.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.