Nazlı Yüzbaşıoğlu
20 Јуни 2018•Ажурирај: 20 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Како земја која згрижува најголем број бегалци во светот, Турција повика на јакнење на меѓународната солидарност и заедничко решавање на бегалските проблеми, јавува Anadolu Agency (AA).
Денес се одбележува Светскиот ден на бегалците, а Министерството за надворешни работи на Република Турција објави соопштение во кое потсетува дека таа земја згрижува повеќе од четири милиони бегалци и дека по тоа е прва во светот.
„Десетици илјади лица се секојдневно принудени да ги напуштат своите домови поради безбедносни проблеми, судири и кршење на човековите права во различни делови на светот“, предупредува турското Министерство.
Потсетувајќи дека Турција некогаш била само извор и транзит на мигрантите, во соопштението се наведува дека економскиот процут во таа земја довел до тоа Турција да стане одредиште за таа популација.
„Уверени сме дека бегалската криза може ефикасно да се раководи со меѓународна соработка и ќе продолжиме да го извршуваме својот дел од обврските во контекст на подобрување на условите на ниво за нивен достоинствен живот“, се наведува во соопштението.
Во соопштението се потсетува дека Турција згрижила повеќе од четири милиони бегалци, вклучувајќи и околу 3,5 милиони од Сирија и дека им се обезбедени сместување, заштита, образование, здравствена заштита, можност за работа, социјални и други програми за живот.
Нагласувајќи дека Турција во згрижувањето на бегалците не врши никаков вид дискриминација врз основа на нивниот идентитет, во соопштението се наведува дека таа земја станала модел и пример како треба да се однесува со оваа загрозена популација.
Од Турција ја повикуваат меѓународната заедница да покаже повеќе солидарност и волја за решавање на проблемот на бегалците и кризата што ги натера тие лица да ги напуштат своите домови.
Светскиот ден на бегалците се одбележува на 20 јуни со цел подигање на свеста за тешката ситуација во која се наоѓаат луѓето низ светот кои принудно ги напуштија своите домови поради страв од прогон. Според податоците на Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР), во светот моментално се наоѓаат најмалку 65,6 милиони принудно раселени лица.