Aylin Sırıklı
20 Јуни 2018•Ажурирај: 21 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Граѓаните на Турција во недела на 24 јуни, ќе излезат на изборите на кои ќе се бира претседател на државата и пратеници во турскиот Парламент, а гласачите на овогодишните избори ќе се сретнат со голем број новитети, пишува Anadolu Agency (AA).
Според податоците што ги објави Врховната изборна комисија на Република Турција (YSK), на изборите на 24 јуни право на глас имаат 56.322.632 жители на Турција, кои своите гласови ќе можат да ги внесат во 180.065 гласачки кутии низ земјата.

Има голем број новитети кога станува збор за овогодишните избори, а оваа година по првпат е воведена „патувачка гласачка кутија“, потоа за прв пат се бираат кандидати кои се кандидирале со собрани 100.000 потписи, по прв пат гласачите ист ден гласаат за претседател и за Парламент, и политичките партии прв пат на избори излегуваат во алијанси и коалиции. Новинарот на АА ги собра сите новитети на овогодишните избори:
- Турските гласачи на 10 август 2014 година по прв пат директно бираа претседател на државата, а на изборите на 24 јуни по прв пат истиот ден ќе излезат на гласачките места и истовремено ќе бираат претседател на државата и пратеници во турскиот Парламент.
- Наместо 550, колку што избираа порано, гласачите на изборите на 24 јуни прв пат ќе изберат 600 пратеници во Парламентот. Така некои турски градови добија поголем број пратеници во турскиот Парламент, а главниот град Анкара по прв пат е поделен на три изборни подрачја.
- На овогодишните избори дојде и до промени кога станува збор за именување кандидат. Претходно, претседателскиот кандидат можеа да го именуваат партиите со најмалку 20 пратеници во Парламентот, односно оние партии кои освоиле 10 отсто од гласовите на последните избори. Кандидатите за овогодишните избори ги именуваа партиите кои имаат Клуб на пратеници во Парламентот, односно оние што освоиле најмалку пет отсто од гласовите на последните избори или оние кои собрале 100.000 потписи.
- Политичките партии во Турција на изборите на 24 јуни по прв пат заеднички ќе влезат во изборната трка, поточно во склоп на алијанса
- На изборите на 24 јуни по прв пат ќе биде користена и „патувачка гласачка кутија“, наменета за тешко болните граѓани кои не се во состојба да дојдат до гласачките места. Во оваа категорија спаѓаат 17.258 гласачи, а за нив ќе бидат обезбедени најмалку 1.303 гласачки кутии.
- Претседателски кандидати
На изборите за претседател на Турција се натпреваруваат шест кандидати. Актуелниот претседател на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, е заеднички кандидат на „Народната алијанса“, која се состои од Партијата за правда и развој (АK Parti) и Партијата на национално движење (MHP), кандидат на Републиканската народна партија (CHP) е Мухарем Инџе, а Народната демократска партија (HDP) за кандидат го именуваше Селахатин Демирташ.
Преостанатите тројца кандидати кои се борат за позицијата претседател на Турција се кандидираа врз основа на 100.000 собрани потписи, а тоа се претседателката на Партијата IYI, Мерал Акшенер, претседателот на Саадет партијата, Темел Карамолаоглу и претседателот на партијата Ватан, Догу Перинчек.
- Алијанси
На 27. избори за турскиот Парламент учествуваат АК Партијата, CHP, HDP, HUDA PAR, партијата IYI , MHP, партијата Саадет и партијата Ватан. Кандидатите на Партијата за големо единство (BBP) влегуваат од листата на АК Партијата, додека кандидатите на Демократската партија (DP) влегуваат од листата на партијата IYI.
По измените на Законот за партии по прв пат е отворен пат за излез на изборите во алијанси. Така, АК Партијата и MHP влегуваат во една, додека другата алијанса се состои од CHP, IYI партијата, Саадет партијата и Демократската партија.