Satuk Buğra Kutlugün
11 Септември 2018•Ажурирај: 12 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Турското Министерство за надворешни работи денес соопшти дека одлуката за затворањето на дипломатската мисија на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) во Вашингтон, е загрижувачка, пренесува Anadolu Agency (AA).
Преку соопштение, портпаролот на Министерството, Хами Аксој, истакна дека одлуката е уште едно искажување на губењето објективност во врска со мировниот процес на Блискиот Исток.
„Оваа одлука ќе послужи само за охрабрување на напорите за стопирање на процесот за дводржавно решение“, истакна Аксој, додавајќи дека Турција ќе продолжи да ги поддржува меѓународните напори за изнаоѓање праведно и трајно решение за палестинското прашање.
САД вчера ја соопштија одлуката за затворање на дипломатската мисија на Палестинската ослободителна организација во Вашингтон, бидејќи администрацијата на Трамп се подготвува да го претстави својот мировен план за Блискиот Исток.
Стејт департментот ја соопшти одлуката, велејќи дека „канцеларијата на ПЛО во Вашингтон ќе се затвори во овој момент“. Канцеларијата служеше како Амбасада на Палестина во Вашингтон.
Од Стејт департментот беше соопштено дека „ПЛО не презела чекори за унапредување на почетокот на директни и значајни преговори со Израел“, и беше укажано на палестинските повици упатени до Меѓународниот кривичен суд да го истражат Израел како причина за одлуката.
„Дозволивме канцеларијата на ПЛО да спроведе операции за постигнување траен и сеопфатен мир меѓу Израелците и Палестинците по истекот на претходното откажување во ноември 2017 година“, истакна портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт.
Одлуката за затворање на канцеларијата на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) е најновиот обид за зголемување на притисокот врз Рамала. САД веќе го прекинаа финансирањето на Агенцијата за помош на палестинските бегалци при ОН и ја прекинаа помошта за Палестинците во вредност од над 200 милиони долари.