АНКАРА (АА) - МЕЛТЕМ БУЛУР - Со официјалната хуманитарна помош од 3,2 милијарди долари во минатата година, Турција е втор најголем донатор во светот, а според процентот којшто се издвојува од националниот доход, таа е најдарежлива земја. Истовремено, Турција издвои 3,9 милијарди долари официјална помош за развој. Таа во 2016 година даде материјална и парична помош во Мјанмар, Ирак, Палестина, Етиопија, Македонија, Шри Ланка, Хаити и во Еквадор.
На полето на хуманитарната дипломатија, Турција денес е една од најактивните и најзначајни земји благодарение на нејзините залагања и иницијативи за стабилност и ред на меѓународно поле, особено поради барањата за воспоставување на меѓународното право.
Турција на меѓународно ниво се посочува како пример за земја којашто е фокусирана на развојот на систем за хуманитарна помош, која покрај давањето хуманитарна помош на билатерално ниво, дава помош и во подрачјата што имаат потреба од неа, првенствено во соработка со хуманитарните институции на Обединетите нации и други меѓународни организации.
- Од југоисточна Азија до Сомалија -
Во блиското минато, Турција го презеде водството во давањето хуманитарна помош со своите операции во југоисточна Азија, која беше погодена од земјотрес кон крајот на 2004 година, земјотресот во Пакистан 2005 година, со помошта во хуманитарната криза во Либија, 2006 година, дадената помош за кризата во Газа кон крајот на 2008 година, помошта за Хаити и Чиле, каде што во почетокот на 2010 година се случи земјотрес, помошта за Пакистан во кој истата година се случи голема поплава, дадената помош во земјотресот што ја погоди Јапонија во 2011 година, помошта за Филипините, кои во 2013 беа погодени од тајфун, како и Либија и Сомалија, кои истата година доживеаја големи хуманитарни кризи.
- Димензиите на хуманитарната криза во Сирија -
Хуманитарните кризи што во последните години се случуваат на границите на Турција ја насочија турската надворешна политика кон хуманитарните цели. Во тој поглед, главниот одлучувачки фактор за активностите на Турција на полето на хуманитарната помош се димензиите на човечката криза што продолжува во Сирија.
Турција продолжува со своето активно учество во изнаоѓањето на политичко решение за кризата во Сирија, а истовремено е земја што вложува најголеми напори за олеснување на хуманитарната криза што се случува во Сирија.

Од една страна, во рамките на одлуките на Советот за безбедност на ОН, Турција помогна да се олесни испораката на хуманитарната помош во Сирија, а од друга страна продолжува да ѝ помага на турската Црвена полумесечина на сириска страна да ја испорача хуманитарната помош што ја обезбедија турските и меѓународните невладини организации.
Турција ги придоби симпатиите од светската јавност уште од почетокот на хуманитарната криза во Сирија, со згрижувањето на 3 милиони сириски бегалци и со услугите што ги обезбедува за нив.
- ТИКА, АФАД и турската Црвена полумесечина импресионираат со своите активности -
Турција импресионира со своите активности на полето на хуманитарната помош, првенствено со Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Претседателството за катастрофи и управување со вонредни состојби на Турција (АФАД) и турската Црвена полумесечина, како и со останатите јавни институции и организации и невладините организации.
ТИКА има капацитет за пристап до повеќе од 140 земји, има 52 канцеларии за координација на програмите за хуманитарни активности и изведува програми за помош на развојот. Од тоа, најголем дел го зема Средниот Исток, а според поделбата на региони следат Кафказот, Африка, Балканот/Источна Европа, Далечниот Исток, Америка и Океанија.
- АФАД успева да стигне до 40 земји на 4 континенти -
Една од најбрзите и најефикасни јавни институции на Турција е АФАД, која во итни случаи, во голем број земји, од Украина до Сомалија, успева да интервенира и да изврши испорака на хуманитарна помош. Минатата година АФАД беше првиот тим за помош што пристигна во Непал, кој беше погоден од катастрофален земјотрес. АФАД самостојно ја изведува и целата координација околу помошта на сириските мигранти, кои бегајќи од граѓанската војна, свое прибежиште најдоа во Турција.
- Турската Црвената полумесечина е втора во светот со капацитетот за итно згрижување и прехрана на 300.000 лица -
Турската Црвена полумесечина е една од најстарите добротворни институции и со своите 700 филијали, како членка на Меѓународната федерација на Црвената полумесечина/Црвениот крст, е една од нејзините најмоќни членки.
Турската Црвена полумесечина успешно ја води својата логистичка поддршка со цел да може итно да реагира со помош при хуманитарната криза што продолжува во регионот. Со своите можности за итно сместување и исхрана на 300.000 лица, турската Црвена полумесечина се наоѓа на 2. место на светско ниво.
Пакистан, Чад, Хаити, Сомалија, Мјанмар, Палестина, Мавританија, Сенегал, Нигер, Босна и Херцеговина, Филипини, Ирак и Либија се само дел од земјите во кои Турската црвена полумесечина ги спроведува своите активности за хуманитарна помош. Со проектот „Развој на капацитети“, кој Турција го спроведе во Пакистан, таа ја изведе најголема операција за хуманитарна помош во историјата и со поставувањето на едно поинакво разбирање на процесот за справување со катастрофи, беше првата хуманитарна институција што даде помош во катастрофалната поплава од којашто беше погоден Пакистан.
- Турција беше домаќин на првиот Светскиот хуманитарен самит -
Турција во периодот од 23 до 24 мај беше домаќин на првиот Светски хуманитарен самит.
На самитот беа направени чекори кон изработка на една поефикасна структура на системот за хуманитарна помош и Турција имаше можност да ги претстави своите проекти и активности пред светската јавност.