Sarp Özer
19 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Минатата недела, Турските безбедносни сили во Турција извршија опсежни акции против терористичката организација ПКК/КЏК. Во текот на акциите беа убиени двајца, а уапсени петмина терористи и запленета е поголема количина документи, наркотици, оружје и други предмети, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за внатрешни работи на Република Турција соопшти дека жандармеријата, полицијата и војската во изминатата недела извршиле вкупно 213 антитерористички акции во рамките на борбата против сепаратистичката, терористичка организација ПКК/КЏК.
За време на акциите, турските сили уништија 24 терористички засолништа, 21 поставена минска експлозивна направа и запленија 700 килограми експлозив, како и десетици пушки, пиштоли и бомби.
Операциите се спроведени во 45 турски покраини, а во нив се приведени вкупно 924 лица кои се осомничени за поврзаност и давање поддршка на терористите на ПКК.
Турските безбедносни сили ја продолжија и борбата против криминалниот канал за финансирање на терористичката организација ПКК, а во текот на изминатите седум дена беа запленети поголеми количини хероин, кокаин, канабис и други видови дрога, чија вредност на црниот пазар се проценува на 7,2 милиони лири (2,05 милиони ам. долари).
Паралелно со тоа, турските сили запленија и големи количини криумчарени цигари и гориво, со вкупна пазарна вредност од 10,3 милиони лири (2,93 милиони долари). За време на тие акции беа приведени 272 осомничени лица.
Во соопштението на министерството се наведува дека турските сили ја продолжуваат и одлучната борба против илегалното движење на мигрантите и трговијата со луѓе.
Во тој контекст, во изминатите седум дена турските крајбрежни стражи фатија 2.002 мигранти во обид за илегален премин на границите, а приведени се 58 осомничени лица.